Страв без причина: „Голема Албанија“ недостижна колку и „Голема Македонија“

10900 Views Mарт 16, 2017 Мој став Никола Осило

Додека партиите што формираа парламентарно мнозинство од 67 пратеници се колебаат дали да ја продолжат недовршената конститутивна седница која почна на крајот од минатата година, а на која веќе беа верификувани мандатите на народните избраници, во Македонија и во регионот се почесто се шират тезите дека промовирањето на платформата на албанските партии всушност може да се искористи за започнување на голем геополитички конфликт во кој САД и сојузниците од една страна и Русија и Турција би почнале да си ги одмеруваат силите на Балканот.

Во прилог на оваа теза одат неколку факти и политички трендови.

Прво, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини по неодамнешната посета на нашата и на околните земји изјави дека на Западен Балкан ситуацијата е тензична и регионот е изложен на предизвици на внатрешен, регионален и глобален план.

Таа изрази загриженост дека политичката криза во Македонија лесно може да прерасне во меѓуетнички, па дури и во геополитички конфликт.

При тоа, Могерини јасно порача дека Европската Унија мора да покаже сериозна намера за евроинтеграција на Западниот Балкан со цел да се спречи разгорување на состојбата.

Овој став на Могерини најдобро ја отсликува состојбата во Република Македонија во која е веќе очигледно дека повеќегодишната политичка криза е подгревана од големите сили и тоа преку директни интервенции и притисок од Западот за симнување на „телефонски“ докажаната криминална владејчка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и индиректна односно силна пропагандна војна од Истокот.

Второ, деновиве сме сведоци на реториката што ја водат Турција од една страна и Холандија, Германија, Австрија и други европски земји од друга страна во која турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не избира зборови за да ги навреди неговите партнери од НАТО и ЕУ.

Трето, „светскиот политички полицаец број еден – САД“ по подолг период доби претседател во ликот на Доналд Трамп кој смета дека е време неговата земја да се посвети на внатрешните проблеми наместо на геополитичките интереси. 

Четврто, како сите да забораваат дека на Европската Унија и се случи Брегзит, со што несомнено веќе секнува еден од главните извори на финансии на Унијата, која поради тоа е во политички и финансиски хаос.   

Ваквите разместувања на геополитички план и очигледното слабеење на единството на Западот се обидува да го искористи Русија, која релатвно брзо ги стабилизира односите со Турција по големиот конфликт што го имаа овие две земји откако турските сили соборија руски борбен авион.

Нивното спријателување одеше толку брзо што тие веднаш решија да го заживеат проектот за изградба на гасоводот „Турски тек“, кој веќе доби зелено светло и од руската Дума.

Заострувањето на односите меѓу големите сили ниту е прв, ниту последен пат, ниту пак е прв пат Албанците во земјава да бараат остварување на права кои не ги нарушуваат правата на Македонците и останатите етнички заедници во Македонија.

Македонските граѓани покажаа дека се подготвени на компромис и на соживот, а најдобар показател за тоа што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повеќе од десет години заеднички владееја во услови кога албанскиот јазик слободно се употребува во Собранието и во безброј други државни институции, а беа амнестирани и тешки криминалци за воени злосторства и убиства.

Затоа, смешно е што токму од овие две партии сега извира политичката криза односно тие се главна кочница за мирен трансфер на власта.

Од една страна е ДУИ, која е еден од главните подготвувачи на платформата, а од друга страна е ВМРО-ДПМНЕ, партија која очигледно не сака сериозна истрага против нејзините функционери кои на секој можен начин го оспоруваат мандатот на Специјалното јавно обвинтелство, што е преседан со оглед на тоа што е најнормално секој невин човек доброволно да бара неговата невиност да се докаже низ соодветна истрага и судска постапка.  

Двете партии се уште посмешни бидејќи неуки луѓе поттикнуваат на национализам манифестиран преку платформските барања на Албанците од една страна што резултира со„наводна“ борба против разнебитување на Македонија кај Македонците од друга страна.

Ваквиот развој на настаните неминовно ги наметнува прашањата:

Зарем македонските и албанските политичари се уште мислат дека Македонскиот и Албанскиот народ е дотолку прост за да војува за нивните лажни цели односно за да се сокрие нивниот криминал?

Дури и да е точна тезата дека САД и Русија сакаат индиректна пресметка на Балканот, дали Македонците и Албанците навистина мислат дека тоа ќе резултира со промена на границите?

Дури и да има војна на Балканот, зарем некој смета дека Грците, Србите, Црногорците и другите „христијански држави“ ќе дозволат Албанците да им земат дел од територијата за да формираат „Голема Албанија“?

Токму од овие причини „Голема Албанија“ е мит колку што е „Голема Македонија“ и токму затоа треба низ заеднички дијалог Македонците и Албанците и сите останатите народи од регионот да ги решаваат сите отворени прашања наместо да дозволат мал број лица од тесните раководства на политичките партии да ги држат во заложништво, да ги направат ранливи и подложни на дестабилизација.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести