Блокирана и втората забрана на Трамп за влез во САД на државјани од шест земји

Федералниот суд во државата Хаваи ја блокираше забраната на американскиот претседател за влез во САД за државјани на шест земји и за бегалци, пренесоа американските медиуми.

Федералниот судија ја замрзна наредбата поради сомневања дека таа дискриминира по основ на националност.

Трамп по втор пат се обидува да ја ефектуира извршната наредба со образложение дека таа ќе ги сопре терористите да не влегуваат во САД, но критичарите велат дека мерката е дискриминаторска. 

Првата верзија на извршната наредба која беше донесена кон крајот на јануари предизвика конфузија и протести. Таа тогаш беше блокирана од федералниот суд во Сиетл, во државата Вашингтон.

Новата извршна уредба за забрана за влез во САД требаше да стапи на сила денеска.
Со нејзе се забранува влез во САД на државјани од Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен на 90 дена, а на бегалците на 120 дена.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.