Градежниците го „изѕидаа“ растот на македонската економија, но со помали добивки

Градежништвото минатата година беше двигател на македонската економија. Но, додека градежната индустрија во 2016 година порасна за 18%, градежниците изѕидаа помали добивки. 

Според финансиските извештаи на градежните компании објавени на Македонската берза, сите ја завршиле годината во позитива, но со помали профити споредено со претходната година. 

Најголем дел од работата, односно над 90% лани им била на домашниот пазар.

Друштвото за градежништво „Бетон“ АД Скопје минатата година оствари позитивен финансиски резултат со нето добивка од 88.364.921 што е за 3% пониска спредено со добивката остварена претходната година, соопшти компанијата преку Македонската берза.

Остварените приходи заклучно со 31.12.2016 година изнесуваат 2.995.628.553 денари и во споредба со остварените приходи во текот на 2015 година се помали за 0,5%.

Во структурата на вкупните приходи најголемо учество имаат приходите од основната дејност, остварени од изградба на објекти на домашен пазар.

Остварените вкупни расходи во периодот јануари-декември 2016 година изнесуваат 2.899.823.387 денари и во споредба со 2015 година се помали за 0,1%.

Минатата година според образложението за финансиските резултати на „Бетон“, реализирани се 135 нови вработувања.

Градежната компанија пак „Бетон Штип“ минатата година ја заврши со двојно помала добивка. Според податоците од Билансот на успех во текот на минатата година компанијата остварила добивка од 23 милиони денари, што е намалување во однос на 2015 година кога добивката изнесувала околу 47 милиони денари.

Градежното друштво „Гранит“ АД Скопје може да се пофали со поголема добивка лани. Според билансот на успех објавен на Македонската берза во периодот од 01.01.2016 до 31.12.2016 компанијата остварила добивка од 234.028.000 денари што е за 6% повеќе споредено со претходната година.

Компанијата лани остварила вкупни приходи од 4.879.400.000 денари и во споредба со остврените во 2015 бележат раст од 15%.

Во исто време, според образложението на финансискиот извештај од работењето, остварени се вкупни расходи во 2016 година во износ од 4.640.861.000 денари и во споредба со 2015 година бележат раст од 16%.

„Цементарница Усје“ во текот на минатата година оствари добивка од 1,23 милијарди денари или околу 20 милиони евра, што е намалување во однос на претходната година кога добивката на компанијата изнесувала 1,26 милијарди денари, покажува билансот на успех на компанијата објавен преку Македонската берза.

„Адинг“ во текот на минатата година оствари добивка од 16,5 милиони денари, што е зголемување во однос на 2015 година кога добивката изнесувала 15,3 милиони денари, покажува билансот на успех на компанијата објавен на Македонската берза.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!