Кои се правата и надлежностите на Иванов?

Во јавноста деновиве можат да се прочитат најразлични информации за тоа кој се се правата и надлежностите на претседателот Ѓорге Иванов.

За да работите Ви станат појасни, еМагазин Ви пренесува што по овие прашања пишува на официјалната страна на претседателот.

Претседателот на Република Македонија го изразува државното единство и ја претставува земјата на меѓународната политичка сцена, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање. Мандатот на претседателот трае 5 години, почнувајќи од свеченото положување заклетва во Собранието на Република Македонија.

Според утврдените права и должности со Уставот и законите на Република Македонија, претседателот го определува мандаторот за состав на Владата на Република Македонија, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство, ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници, склучува меѓународни договори во име на Република Македонија, доделува одликувања и признанија и дава помилувања.

Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието.

Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, доколку смета дека не е во согласност со Уставот или е во спротивност со потврдените меѓународни договори, и да го врати на повторно разгледување во Собранието.

Доколку притоа Собранието го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во рамки на надлежностите на Претседателот на Републиката е и да предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија, двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија, а предлага и двајца членови на Советот за радиодифузија. Претседателот го предлага и гувернерот на Народна банка на РМ, кој потоа го именува Собранието.

Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, го поставува и го разрешува началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, поставува и разрешува генерали.

Тој е и претседател на Советот за безбедност на Република Македонија и именува тројца од членовите на Советот. Претседателот, исто така, го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање.

Титулата Национален уметник ја доделува претседателот на Република Македонија, врз основа на предлог од министерот за култура, а по претходно мислење на комисија.

Одредбите кои се однесуваат на претседателот на Република Македонија се сместени во Уставот на Република Македонија (III дел - глава 2 и во други делови и глави) како и во определени закони.

ОВДЕ погледнете детален преглед на должностите и овластувањата на Претседателот на Република Македонија според Уставот и законите.

Фото: МИА

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Прошетајте се низ претседателската палата на Водно

Сите детали: Кој го советува претседателот Иванов

И Иванов како и Заев и Груевски без куќа

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови