Ќе има ли нов пржински договор?

Дали решението од политичката, уставната и економската криза ќе биде нов договор помеѓу политичките партии? Работиве ќе станат појасни деновиве, откако ќе заврши средбата на партиите со еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници, закажана за утре, но и откако ВМРО ДПМНЕ ќе го достави документот за излез од кризата, кој го најави лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за Канал 5.

Тој очекува документот да биде готов следната недела и да им биде даден на разгледување на сите поголеми политички партии.

„Документот ќе понуди начин за излез од сегашната криза. Тој никого не фаворизира, ниту како политичка партија, ниту како етничка заедница. Со неговото прифаќање од страна на политичките партии треба да се излезе од политичката криза, но притоа да се задржи унитарноста и да не се оди кон урнисување на државата којашто тешко ја добивме“, истакна Груевски.

Груевски мора да ја прифати реалноста. Тој може да се подготви единствено за опозиција и за соочување со правдата, реагираа од СДСМ.

„Ефектите од документите на Груевски ги почувствуваа граѓаните. Но заврши тоа време за лични криминали и криминали на неговите соработници. Сега пред целата домашна и меѓународна јавност е конкретен документ зад којшто стојат околу 700.000 граѓани на Македонија“, велат од СДСМ.

Во меѓувреме за утре е закажано и продолжување на седницата во Собрание, а како што најавија од СДСМ, следен чекор е избор на претседател на Собранието, но и нова влада.

Претседателот Ѓорге Иванов се уште не му го дал мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а протестите низ Македонија против платформата на албанските партии продолжуваат.

Дали на крај Иванов ќе повика на национално помирување и формирање на широка коалиција, сценарио кое до пред извесно време го посакуваа и од ЕУ, останува да видиме.

Фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови