„Макпетрол“ планира добивка од 5,6 милиони евра во 2017 година

Управниот одбор на „Макпетрол“ АД Скопје планира во наредната година компанијата да оствари промет на енергенси во количество од 293,2 илјади тони при што главен акцент е ставен на зголемување на прометот на мало каде се планира пораст на прометот од 5 и.п, соопшти компанијата преку Македонската берза.

„Се планира зголемување на вкупните приходи, како резултат на зголемената продажба на енергенси, и намалување на вкупните расходи како резултат на мерките кои се превземаат за поекономично работење. Притоа, се очекува остварување на приходи во висина од 18,2 милијарди денари и расходи во висина од 17,8 милијарди денари. Со реализирање на вака планираните параметри, Друштвото очекува да оствари позитивен финансиски резултат во 2017 година, односно добивка од работењето пред оданочување во износ од 344,9 милиони денари“, соопшти компанијата.

Позитивниот финансиски резултат се очекува да резултира со натамошно подобрување на ликвидноста на Друштвото и со натамошно намалување на кредитната задолженост кај деловните банки.

„Предвидено е и продолжување на трендот на инвестирање, во прв ред во изградба на нови бензински станици, реконструкција и модернизација на малопродажните и големопродажните објекти, во стручно усовршување на вработените како и вработување на млад, образован и стручен кадар. Инвестирањето би се реализирало во обем и во динамика согласно расположивите средства на Друштвото“, соопшти компанијата.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови