Сто години од независноста на Финска

Амбасадорот на Финска за Македонија, Перти Иконен одржа средба со македонските новинари по повод обележувањето на стогодишнината од независноста на Република Финска. 

Амбасадорот Иконен ги истакна вредностите врз кои е изградено финското општество, осврнувајќи се особено на еднаквоста и на традицијата на негувањето на демократијата во својата земја. Финска е првата земја во светот која на жените и мажите им овозможила еднакви политички права, уште во 1906 година.

Токму слоганот „Заедно“ е мото на програмата со која се обележува стогодишнината од независноста. 
„Со обележувањето на јубилејот и во земјите од регионот, сакаме јавноста да ја запознаеме со финската култура, вредностите и општествениот живот на земјата, но и со успешната соработка која постои меѓу нордиските земји, што може да му послужи како пример токму на Балканот“, рече амбасадорот Иконен, истакнувајќи дека „Финска е конструктивен пријател на Македонија и е секогаш подготвена да ги споделува своите позитивни искуства во правец на постигнување на развојните цели“. 

На средбата присуствуваше и почесниот конзул на Финска во Македонија Светозар Jаневски, кој говореше за потребата од понатамошен развој на економските односи меѓу двете земји и ги истакна позитивните перспективи што би можеле да се отворат доколку Македонија ги користи искуствата на организирани општества какво што е финското.

Програмата за обележување на стогодишниот јубилеј на финската независност предвидува над 2000 настани во целиот свет, вклучувајќи го и регионот. Во Скопје се планира одржување концерт на финска музика во текот на ноември годинава.

Денот на независноста на Република Финска е 6 декември.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови