ЕКСКЛУЗИВНО: ЦИА открива дека Американците се заљубиле во „медениот“ прилепски тутун уште во 1952 година

Како што во неколку наврати пишуваше „еМагазин“, американската Централна разузнавачка агенција – ЦИА неодамна објави 12 милиони тајни документи меѓу кои и илјадници кои се однесуваат на Македонија и Југославија.

Во оваа прилика ви пренесуваме документ од 1952 година во кој се гледа како разузнавачите на ЦИА на своите претпоставени им давале детална слика за производството на тутун во Југославија, со посебен акцент на производството на тутун во Македонија.

„Одгледувањето и производството на тутун се рангирани меѓу најважните економски гранки во Југославија. Повеќе од милион луѓе се вклучени во садење, одгледување, производство и трговија со тутун. Тутунот е еден од главните извозни производи на Југославија кој важи за еден од најквалитетните во светот“, се вели во документот на ЦИА.

Во него, меѓу другото се наведува дека тутунот за производство на цигари зафаќа околу 85 отсто од вкупното производство на Југославија, и дека се карактеризира како тутун за ароматизирање и вкус.

„Тутунот од Македонски тип, каков што се одгледува во Струмица, Гевгелија, Радовиш, Прилеп, Кавадарци, Скопје и од типовите Врање, Кванти-Јака и Прилепски се ароматични видови кои се користат како адитив во производството на цигари. Генералните квалитети на ваквите видови се мали ливчиња, мека текстура, светла боја, мек вкус, силна арома и добра согорливост. Ваквите видови содржат до еден отсто никотин.

За Прилепскиот тутун, кој е посебно познат по неговата арома на нектар и мед, има огромна побарувачка, посебно во САД. Во овој тип спаѓаат Струмичка и Радовишка Јака“, се вели во документот на ЦИА.

Во него, потоа се опишува и производството на цигари и количините што се извезуваат при што се наведува дека цигарите „Македонија“ важат за првокласен ориентален бренд со силна арома и мек вкус.

Оргиналниот документ на ЦИА ТУКА.

СИТЕ ДОКУМЕНТИ НА ЦИА ЗА МАКЕДОНИЈА КОИ ЕМАГАЗИН ДО СЕГА ГИ ОБЈАВИ МОЖЕТЕ ДА ГИ НАЈДЕТЕ ОВДЕ.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести