Велика Британија го отпочна процесот на Брегзит

Британскиот амбасадор во ЕУ, Тим Бароу денеска во Брисел на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск му го врачи писмото за активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор, што синоќа го потпиша британската премиерка Тереза Меј, со што официјално започна процесот на Брегзит.

Во писмото Лондон ги известува европските институции за намерите на Велика Британија за напуштање на Унијата.

По примеот на писмото Туск на Твитер објави дека „по девет месеци Велика Британија го активира Брегзит“. 

Во меѓу време, Европската унија го објави нацрт-документот, со кој лидерите на ЕУ ќе одговорат на формалното известување на Велика Британија за почетокот на процесот на истапување од блокот, во кое се наведува дека тие ќе останат единствени за време на конструктивните преговори за Брегзит,.

Во нацрт-одговорот лидерите на Унијата ветуваат дека со единствен настап ќе се обидат да ја намалат несигурноста кај граѓаните и деловните луѓе, поради отпочнувањето на процесот на излегување на Велика Британија.

Во нацртот не се споменува можноста за пропашање на преговорите, за кои законите на ЕУ предвидуваат период од две години, како и за непостигнување спогодба за Брегзит.

Се очекува процесот на преговари да започне во текот на мај или најдоцна до средината на јуни,

Претходно, на 29 април, ќе биде организиран Самит на земјите членки на ЕУ, без учество на Велика Британија, на кој ќе биде определен мандатот на Европската комисија за преговорите со Лондон. Во текот на мај, врз основа на мандатот добиен од 27- те членки, Европската комисија ќе ги одреди основите за кои ќе се водат преговорите со Британците.

Претходно беше најавено дека Брисел сака преговорите за Брегзит да завршат до октомври 2018 година, за во следните шест месеци, до март 2019 година, сите членки на ЕУ да го ратификуваат постигнатиот договор, но доколку двете страни се согласат, преговорите може да продолжат.

Британската влада сака преговорите одеднаш да се водат на два колосека - за излез на Велика Британија од ЕУ, како и за постигнување билатерален договор за слободна трговија.

Лидерите на Унијата, меѓутоа, најавија дека тоа се две различни работи за кои мора да се разговара одвоено, па за трговијата би станало збор откако целосно ќе се договори Брегзит.

Даунинг стрит 10 соопшти дека синоќа, премиерот Тереза Меј имала телефонски разговори со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и со германскиот канцелар Ангела Меркел. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови