Се враќа интересот за Египет и Турција: Грците ги дигнаа цените, туристите уште побројни

Од 60 до 100 евра за седум дена. Туристичките агенции веќе ги распродадоа аранжманите за предсезона во Грција. После Велигденските празници, почнувајќи од почетокот на мај голем број на Македонци веќе уплатија за рано летување на грчките плажи.

Цените се повеќе од поволни, за седум дена за едно лице со вклучен превоз на Халкидики се движат од 60 евра па нагоре, во зависнос од локацијата на апартманите и местото.

И покрај зголемените цени на основните намирници од 10% до 15% кај нашиот јужен сосед, интересот кај Македонците не се намалува. За разлика од минатото, од туристичките агенции велат дека нашите граѓани во изминатите години имаат уплатено летување уште во зимскиот период пред да започне летната сезона кога цените се многу пониски.

-Има голем интерес за предсезоната, од мај, па до првата половина на јуни. Најмногу се бара сместување во апартмани, но има и барања за некои од хотелите. Во Грција се бара сместување од Паралиа па се до Тасос. Цените се различни. Може да се најде седумдневен аранжман со превоз од 60 евра па нагоре. Имаме обезбедено и само превоз со автобус до Халкидики, велат за еМагазин од една скопска туристичка агенција.

И покрај зголемените цени пред се на прехранбените производи поради повисоките даноци во Грција, оваа година се очекуваат да летуваат над 30 милиони туристи, а Македонците традиционално се едни од најбројните.

Сепак, покрај Грција, од туристичките агенции велат дека повторно се враќа и интересот за Турција и Египет, дестинации кои што изминатите години поради терористичките напади беа изоставени.

-Има голем интерес за Египет во предсезона. Оваа дестинација полека се враќа на пазарот. Расте и интересот за аранжмани во Турција. За разлика од минатата година кога голем дел од аранжманите беа и откажани поради случувањата во Турција, побарувачката е поголема споредено со минатата година, велат туристичките работници.

Како и секоја година, интерес кај туристите има и за Шпанија и Италија, а за Бугарија и Црна Гора најголем дел од граѓаните одлучуваат да одат во сопствен аранжман. 

Хрватска секогаш е интересна дестинација за Македонците, сепак за оние кои имаат малку подлабок џеб.

Според туристичките агенции, Грција и оваа година останува број еден дестинација за Македонците.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!