Досие Агрокор: Како растеше империјата на Тодориќ- од цвеќар до тајкун и закана за банкрот

Сопственикот на Агрокор, Ивица Тодориќ, еден од најбогатите луѓе во регионот е на работ на губење на контролата врз концернот.

Најмоќната бизнис империја во Хрватска, присутна со свои бизиси во целиот Балкан од минатата недела се соочува со блокирани сметки поради долг од 10 милиони евра за даноци. Долговите пак на добавувачите и останатите кредитори достигнуваат околу 6 милјарди евра.

За да излезе од состојбата во која се наоѓа, хрватскиот гигант и неговите кредитори потпишаа т.н. „стендстил“ договор. 

Како што јави агенцијата Хина, договорот е потпишан по состанокот на најголемите добавувачи на „Агрокор“ и банките-доверители, на кој биле финално усогласени техничките детали на договорот, што треба да спречи можност за т.н. непријателско преземање на компанијата.

„Стендстил“ аранжманот, односно мораториумот на постоечките банкарски обврски на „Агрокор“, стапи во сила во петокот, а во текот на неделава се очекува „вбризгување“ на дополнителни средства во концернот, со цел негово активно реструктуирање, што ќе значи и промена на менаџментот.

Ова е засега развојот на ситуацијата околу хрватски бизнис гигант, чиишто финансиски проблеми предизвикуваат вистинска драма во хрватската јавност, но и во регионот, затоа што Агрокор има свои операции и во Словенија, Србија и БиХ, а продава по целиот Балкан и пошироко. 

За решавање на кризата мобилизиран е и државниот врв, со оглед на стратешкото значење на овој концерн за националната економија, заради  годишниот обрт од околу 7 милијарди евра и 60.000 илјади вработени, од кои што половината се во Хрватска.

Кога се појавија првите знаци на криза во Агрокор?

Проблемот со долговите и отплатата на кредитите на Агрокор уште пред два месеци прв ги најави рускиот амбасадор во Хрватска, Анвар Азимов, кој што на прес конференција кажа дека неговата земја очекува од Агрокор да ги исполни сите свои обврски по кредитите и дека во тој момент не се разгледувало одобрување на нов кредит за концернот.

Според податоците на Вечерњи лист, се проценува дека руската држава преку банките Sberbank  и VTB држи околу 1,5 милијарди евра од вкупно 3,4 милијарди евра долг на Агрокор.

Отворањето на приказната за големите проблеми на Агрокор и недостигот на официјални и прецизни информации предизвикаа хистерија во хрватската влада и на пазарот на капитал.

Акциите на компаниите на Агрокор во само еден ден потонаа за десетина проценти. За спасот на Агрокор аналитичарите во Хрватска направија три сценарија. 



Агрокор должи над 6 милјарди евра на странски кредитори

Долгот на Агрокор кон кредиторите изнесува 3,4 милијарди евра, а кон добавувачите 2,2 милијарди евра. Не само странски банки, туку и голем број домашни компании, особено од прехранбената индустрија се заглавени во зделки со концернот. Сè на сè, за најголемата хрватска и регионална компанија се врзува судбината на повеќе од 100 илјади луѓе.

Аналитичарите велат дека технички гледано, најголем проблем не се кредитите кон руските државни банки, туку прашина се крена, бидејќи Агрокор има околу една година да најде пари за рефинансирање на т.н. PIK заем од безмалку 500 милиони евра, кој што доспева во мај 2018 година.

Се работи за хибридни должнички хартии што не ги издал Агрокор, туку фирмата на Тодориќ, Adria Group Holding со седиште во Холандија, која што е всушност сопственик на Агрокор. Гаранти за тој долг овој пат не се компании од системот на Агрокор, како Јамница, Ледо или Звијезда, туку самиот Тодориќ со своите акции.

Во случај долгот да не се враќа, вложувачите во тие PIK обврзници стануваат сопственици на 90% од Агрокор.


Кои беа клучните грешки на Тодориќ

Преголем залет во земјоделското производство со помош на скапи обврзници, прескапата авантура со аквизицијата на словенечки Меркатор и преголемото потпирање врз младиот и недоволно искусен прв човек за финансии во Агрокор се трите клучни грешки на Тодориќ според хрватските аналитичари.

Според анализите на хрватските медиуми, Тодориќ направи грешка што премногу сакаше да биде пионер на обновата на хрватското производство, особено земјоделското, пред се преку издавање на обврзница за да се заживеат големите земјоделски комбинати од социјализмот- ПИК Винковци, Белје, Вупик.

Исто така Тодориќ беше преамбициозен и во сегментот на трговијата, пред се преку судбинската инвестиција – словенечки Меркатор. Многу експерти денес толкуваат дека наводното преплаќањето на Меркатор било клучната грешка.

Третата клучна грешка на Ивица Тодориќ која што отпосле сите ќе ја воочат лесно, е лошото финансиско менаџирање. 



Како се создаваше Агрокор 

Приказната за тоа Како Ивица Тодориќ стана најбогатиот човек на Балканот и како ја изгради својата империја е многу интересна. Во бизнисот влегол уште во седумдесеттите години на минатиот век, откако го наговорил својот татко да почнат со производство на цвеќе.

Со цветниот бизнис го освоил пазарот на поранешна Југославија, а бизносот почнува да го шири од 1989 година кога биле донесени првите закони кои го дозволувале тоа. Купувал компании една по друга и денес го контролира речиси целиот пазар на храна во Хрватска. Сладолед, вода, мајонез, месо, жито, Тодориќ има се под своја контрола, со исклучок на млекото. 

Тодориќ, сега е најбогатиот, а воедно и најголемиот вработувач во Хрватска, по хрватската држава.

Годишниот приход на неговата компанија изнесува нешто помалку од 7 милијарди евра, за него во Хрватска работат околу 60.000 луѓе, и уште 30.000 илјади во Србија и во Босна и Херцеговина. 

Агрокор се повлече од Македонија



Агрокор беше присутен и на македонскиот пазар. Во 2011 година отвори откупно дистрибутивен центар за овошје и зеленчук во Струмица. Сепак после четири години во 2015 година, Тодориќ го продаде бизнисот со откуп на зеленчук и овошје на компанијата Агрофруктус, во кој освен откупниот центар во Македонија влегоа и уште пет други компании во регионот.

Фото: Јутарњи лист, Вечерње новости

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови