Црвенковска: Мора да имаме време за убавите работи, ако работата ви одзема многу време променете ја

„Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ е нова книга од авторката Билјана Црвенковска, чијашто промоција ќе се случи во петок во рамките на Саемот на книга, а во издание на „Арс ламина“.

Станува збор за уште една книга во која, Црвенковска која милува да пишува книги за деца, дава свој белег и препознатлив невообичаен стил на пишување и изразување. По „Што сонуваше Дедо Мраз“ ова е уште еден обид таа да допре до најспецифичната публика-тинејџерите, но и за возрасните што сакаат волшебни книги и не заборавиле колку е прекрасен светот на фантазијата.

„Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ e ваша нова книга за деца, ама кога ќе се прочита насловот, интригира и возрасен да седне и да ја прочита. Дали е тоа целта на книгите кои ги пишувате? Ем да ги седнете родителите и децата заедно да читаат, ем ако сакаат, секој посебно да си чита и да му биде забавно?

-Мислам дека целта на детската книжевност е да биде слоевита, исто како, впрочем, и книжевноста за возрасни. Да има слоеви кои со возраста поинаку ќе се доживуваат и интерпретираат. Сакам игри, скриени значења, цитатност. „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ е наменета за повеќе возрасти: пред се за предтинејџери, за онаа возраст над 9-10 години кога можат самите да читаат и пишуваат и да ја искористат целосно интерактивноста на книгата, која е мнооогу интерактивна. Од друга страна, таа ќе им биде интересна и на тинејџерите, затоа што дел од интересите за овие возрасти се поклопуваат. Мислам дека ако ја чита родител, приказната секако ќе биде интересна и за помалите, иако можеби нема да разберат се, но родителите ќе им протолкуваат. И секако, за возрасните што сакаат волшебни книги и не заборавиле колку е прекрасен светот на фантазијата. :)

Родителите вообичаено на децата книгите им ги читаат махинално, без да мислат на содржината бидејќи тоа се книги кои и самите ги читале како деца, или ги препрочитале по стопати. Оттука, колку е важно да има нова, свежа понуда на книги која ќе биде интересна и за едните и за другите, за читањето да биде супер-забавно?

-Фалат нови книги, пред се од млади македонски автори. Илустратори има, полека излегуваат на површина и веќе имаме многу млади автори на детска илустрација кои можат да се мерат рамо со рамо со нивните колеги од светот и се во тек со најновите светски трендови. Но, автори за деца нема. Зборувам за автори кои би се посветиле на тоа и би го работеле секојдневно и континуирано. Ова е една од најубавите работи на светот, сериозно. Би било убаво младите да се одважат и да почнат да пишуваат за деца.

Ова се сосема нови генерации на деца, кои како што имаат различни барања во сите области, тоа се рефлектира и во однос на изборот на книги. Па оттука колку е важно да се фати чекор со нивната мисла, интерес и слично и книгите да се прилагодат на новите генерации читатели?

-Има неколку работи кои сметам дека во денешно време се исклучително важни за да имаш добар производ, да имаш книга што ќе го зграпчи и ќе го задржи вниманието на децата, како што се совршено надополнување на илустрацијата и текстот; интерактивност, детето да се почувствува како дел од приказната и да треба да направи нешто, како да е дел од некоја игра; модерен јазик и модерен израз, близок до денешните деца.

Според продажбата на вашите претходни изданија „Што сонуваше Дедо Мраз”, серијалот сликовници „Авантурите на Дина и Додо”, но ценејќи ја и продажбата на другите завидни изданија на детската литература кои ги има „Арс Ламина“ дали детската литература се продава?

-Да, се продава, веројатно и повеќе од останатата литература. Почнавме и да рушиме рекорди во продажбата, особено со четирите сликовници од едицијата „Бајки од Македонија”, каде за помалку од 9 месеци се исцрпи целиот тираж, а веќе се продадени и доста бајки од вториот тираж.  Но ова е само почеток, бидејќи портфолиото на детските изданија во Арс Ламина допрва почнува да се гради.

Кој е вашиот личен впечаток дали современите родители (не)оправдано се обвинети дека не им читаат доволно на децата?

-Тешко прашање. Ова е, секако, многу индивидуално, но мислам дека времето во кое живееме и темпото со кое живееме ни остава се помалку време за убавите работи, меѓу кои и читањето книги и читањето на децата пред спиење. А тоа не би требало да биде така. Мојата порака би била: ништо не е поважно од нас самите и од нашите најблиски. И ништо не може да го замени пропуштеното време. Можеби ова звучи сурово, но ако работата ви одзема премногу време, можеби треба да размислите да барате нова работа. Сериозна сум. Го имам почувствувано тоа на сопствена кожа и решив од корен да го променам мојот живот. Мора да имаме време за убавите работи. Да прочитаме книга, да му прочитаме книга на детето, да поминеме квалитетно време со тие што ги сакаме, да отидеме во природа, да живееме здраво… Ништо не поважно од тоа.

Арс ламина со своите изданија, посебно детска литература се претставува и на саемите надвор, а тука би го издвоиле најпознатиот саем за книги во Франкфурт. Како поминавте и дали ако нешто е квалитетно, тоа ќе биде препознаено и надвор?

-Саемите се добар начин за промоција на домашните во светот. Освен поддршка за присуството на македонски издавачи на саемите, кај нас нема друг тип на поддршка од државата за македонските автори, како што има во други земји: стипендии, учество на други манифестации, студиски престои… Ова истово важи и за илустраторите, дури и многу повеќе. Но сепак, преку учеството на саемите има начини да се разбуди интерес за нашата книжевност надвор, и во моментов тоа и се случува со некои од нашите изданија за деца, пред се со „Бајки од Македонија”, но и со другите изданија. Има интерес, остварени се контакти со повеќе агенти и издавачи од Европа и Азија, па ќе видиме понатаму како ќе се одвива процесот.

Промоцијата на „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња e книга за деца“ ќе се случи во петок на 7 април од 18 до 19 часот на саем. Па што ќе има, вештерки, мачки, колачиња J Како е замислена промоцијата?

-Уште е во процес на дообмислување, но секако нема да биде обична промоција, затоа што ова не е ни обична книга. Спремам едно изненадување што ќе ја извади од рамките на секојдневното, нели :). И не, нема да го донесам мојот мачор Макс, кој иако многу заслужува да биде таму, има проблем со многу гужва па ќе си остане дома да си одмара. :)

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести