Сашо Поповски трио утревечер ќе имаат настап во Јавна соба. Во интервју за „еМагазин“, Поповски вели дека, овој настап, ќе биде ново искуство како за публиката така и за музичарите, поради фактот што создавањето на џез музика е предизвик и задоволство.
Вашата музика е спој на традиционалниот и современиот џез, па оттука што ќе биде на репертоарот на 7 април во Јавна соба?
- На овој концерт ќе се претставам со неколку мои авторски композиции како и редовниот материјал со кој настапувам низ џез клубовите.
Во Македонија се организираат фестивали на џез-музика, но мал дел се посветени на македонските џез музичари. Кој е вашиот став околу нивната организација и нивниот број?
- Ова е едно горко прашање, пред се доста комплексно и логично таков би бил и одговорот. Сметам дека во иднина треба да се воведи процентуална рамка на застапеност на македонски музичари во однос на странски во сооднос 60% – 40% со што ќе се помогне во презентацијата на домашните артисти и нема да се наруши програмската шема на фестивалите.
Вашиот последен албум „Garhering“ е снимен на клупските настапи во битолска Магаза, како овие проекти поминуваат кај публиката?
- Точно така, тој албум како и претходните два мои албуми се снимени во живо, во иднина планирам студиски албум за моето трио. Како проекти сметам дека добро поминуваат а резултат е букингот на повеќе фестивали во текот на овие две години.
Бидејќи сте професор на Универзитетот Гоце Делчев и работите со млади музичари, која е вашата оценка, имаме ли таленти со кои треба да се работи и кои можат многу да дадат на оваа сцена?
- Пред се работата со млади луѓе е благородна но и доста одговорна работа, Музичката Академија при УГД –Штип ги нуди сите услови за едукација, научно-истражувачка работа како и формирање на готов производ (артист) а резултатите се повеќе од видливи. Наши студенти веќе снимаат сопствени изданија , ја збогатуваат џез сцената во Македонија, и се веќе етаблирани уметници во странство.
Кои се следните настапи со вашето трио?
-На 2 септември со моето трио ќе настапам на Петровац, џез-фестивал, во склоп на турнејата низ Црна Гора и Србија, потоа на 30 април ќе настапам во склоп на програмата Интернационален ден на џезот во соработка со МКЦ – Битола, потоа имам договорен концерт во Берово 2017 (Град на културата) и уште неколку фестивали низ земјата.