Драгана Пеќо: Корупцијата на Балканот цвета, каде и да „гребнете“ може да направите истражувачка приказна

Драгана Пеќо е новинар која работи на истражување на стории за криминал и корупција за Мрежата за истражување криминал и корупција – КРИК во Србија. Во интервју за еМагазин вели дека во Србија, а и во земјите на Балканот е многу тешко да се биде новинар кој работи на истражувачки стории.

Иако како што вели таа каде и да „гребнете“ има приказна, силните притисоци на власта врз институциите оневозможуваат да се добијат податоци. Најголем проблем за новинарите во Србија и на Балканот се условите за работа кои стануваат се потешки и потешки- од следење и прислушување, па се до блокирање на институциите да одговараат на барањата на новинарите.

Драгана, веќе неколку години истражуваш за работењето на градоначалникот на Белград, Синиша Мали, а твоите истражувачки стории допреа многу чуствителни точки кај српските власти.  Колку време истражуваш за случајот и дали досега нешто е променето откако на виделина излегоа многу работи за бизнисите и за работењето на Мали?

Имотот и бизнисите на градоначалникот на Белград, Синиша мали ги истражувам од крајот на 2014 година кога за прв пат пронајдов податоци и документи за неговата вмешаност во пет милиони вреден имот на бугарското приморје и офшор компании. Истражувањето траеше околу една година по што откривме и уште неколку офшор компании поврзани со него, преку кои илегално стекнал 10 хектари државно земјиште. Во третата приказна откривме како тој, додека работел во Агенцијата за приватизација, му помогнал на татко му да ја приватизира фабриката за вагони во Суботица. Синиша Мали до ден денес не се согласи на интервју за КРИК.

Неодамна направив интервју со неговата поранешна сопруга Марија Мали, која ми откри како тој самиот нејзе и се пофалил како организирал рушење во Савамали, во центарот на Белград, кога лица со фантомки на сред ноќ по парламентарните избори минатата година рушеа објекти. Марија Мали ми кажа и како Синиша Мали додека живееле заедно носел пари во кеш и барал од нејзе да ги уплати на нејзината сметка и потоа да ги прикаже како наследство од нејзиниот татко, за да може тие пари да ги сокрие од Агенцијата за борба против корупција.

По нашите откритија за неговите бизниси преку офшор компании и сокривање на имот, Агенцијата за борба против корупција покрена постапка против Синиша Мали и направи извештај и од истражните органи во Бугарија доби податоци кои укажуваат на можно перење пари.

По интервјуто со неговата сопруга, таа беше повикана од Обвинителството. До денеска никој не одговарал за рушењето во Белградскиот кварт Савамала, а повеќе од илјада граѓани излегоа на улиците и бараа оставка од функционери меѓу кои и Мали, а еден таков протест беше организиран и после интервјуто кое го објавив.

Иако премиерот на Србија, Александар Вучиќ кажа дека Мали „нема уште долго да биде градоначалник на Белград“, тој и ден денес е на таа функција. Со оглед на тоа што институциите во Србија се под контрола на власта, целиот случај околу градоначалникот е во фиоките на Обвинителството веќе со месеци.



На какви проблеми наидуваш кога работиш на истражувачки стории, еве конкретно за случајот Мали?

Се потешко е да се работи истражувачко новинарство во Србија под услови какви што имаме денеска. Тешко е да се најдат донации за работа, кога нешто ќе откриете тогаш станувате мета на напади од страна на таблоидите кои ги контролира власта, а има и ситуации да ве следат и тајните служби да собираат податци за Вас и да ги даваат на таблоидите кои потоа ги објавуваат.

Во последно време институциите се повеќе бараат начини како да не ни дадат некои информации и документи кои се обврзани да ни ги дадат по Законот за слободен пристап за информации од јавен карактер.

Не сакаат сите да ни дадат интервју. Кај истражувањето за имотот и бизнисите на градоначалникот на Белград, Синиша Мали кое е првено во тајност имавме најголеми проблеми по објавувањето. Ние ги имавме собрано сите официјални документи кои покажуваат дека како директор на офшор компанија купил луксузни станови и дека во тој бизнис е вмешан и денеска, откако е градоначалник, а тој во јавноста тврдеше дека тие документи се фалсификат и дека неговиот потпис на тие документи е фалсификуван.

Неколку дена по објавувањето на приказната, секојдневно моравме да ги демантираме неговите тврдења со официјални документи и да ја браниме нашата приказна. Нашите читатели сите документи и докази за приказната можат да ги видат на нашиот сајт. Во се поголем број не поддржуваат и ни уплаќаат донации.

Каков е пристапот до информации во Србија. Колку институциите и политичарите се достапни за новинарите?

Се потешко е да се дојде до информација и документ кои би биле доказ за приказната. Институциите знаат дека по Законот за слободен пристап за информации од јавен карактер дека се обврзани да ни ги дадат, но се под притисок на власта која сака да не спречи да дојдеме до нив.

Долго време работиме на истражување на имотот на политичарите од кои прво го откривме имотот на премиерот и на сите министри. Веќе тогаш започнаа проблемите. Од катастарот им јавуваа на министрите кои податоци ги бараме за нив. Поради тоа се случи да се воведат нови правила- бараа од нас да докажеме дака оние лица за кои бараме податоци се јавни функционери. Потоа имаа реорганизација на вработените и ги изротираа вработените по службите и таму каде што одевме и ги познававме службениците, донесоа нови луѓе.

Потоа воведоа правило локалните катастри да не ни ги испраќаат директно на нас податоците. На пример ако бараме податоци од Катастарот во Ниш и тие директно нас треба да ни одговорат, воведено беше правило податоците прво да се испратат во Централниот катастар во Белград, и таму целата процедура се стопира и одговорите никогаш не стигнуваат до нас.

Ова е само пример како една институција под притисок на власта се обидува да ја стопира и кочи нашата работа. Во други ситуации на пример, институциите или судовите ги прикриваат голем дел од податоците во документите при што не ги кријат само личните податоци на личноста за која тој документ се однесува, туку и повеќе од тоа и така ни се отежнува да ги разбереме документите. Сите вакви пречки го отежнуваат и забавуваат истражувањето, но ние не се откажуваме од понатамошно истражување.

Што е најважно во истражувачкото новинарство, упорноста, контактите, притисоците?

Многу работи се важни кај истражувачкото новинарство. Една од нив е упорноста. Никој не треба да се откаже од истражување на некоја сторија иако некогаш чекањето да се добие еден лист кој може да ја докаже целата приказна може да трае и една година. Многу е важно се да биде поткрепено со докази и точно. Секоја приказна која КРИК ќе ја објави секогаш ја поминува фазата на проверка на факти fact-checking. Тоа значи дека буквално секој напишан збор се проверува и дали имаме доказ од официјален документ за нејзе. Со секоја приказна објавуваме и документ кој може да го види секој кој донира за КРИК и добива налог за пристап, додека сите документи од истражувањето на имтот на политичарите е отклучен.

Така на читателите им ги покажуваме сите докази врз основа на кои сме го напишале текстот. Важно е да се дојде и до добра приказна, а такви има се повеќе и повеќе во Србија, бидејќи за жал корупцијата и криминалот се толку многу распространети. Каде и да „гребнете“ може да направите истражувачка приказна.

Во оваа работа е важна и мрежата на контакти кои ги имате и колегите ки ги познавате во другите држави. Многу стории на кои работам, како и сториите за градоначалникот Синиша Мали се прекугранични приказни и ми треба помош да дојдам до информации и документи од некоја друга држава. Тука ми помага тоа што КРИК е дел од меѓународна мрежа на истражувачки новинари Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) која брои повеќе од 20 истражувачки центри или новинари од државите ширум Европа и Азија, но имаме и добра соработка и со колеги од цел свет. За истражувачко новинарство тоа е многу крисно.

Скоро секојдневно сме изложени на непријатни коментари на социјалните мрежи, каде нас најчесто преку провладини таблоиди и поединци од власта не нарекуваат странски платеници. Еднаш добив смртна закана на Твитер, а друга личност пораки со закани за смрт упати на целата редакција. Други наши колеги кои работат истражувачко новинарство имаат слично искуство. Овие закани ги пријавивме во полиција, поднесовме и пријави до Обвинителството, но ни после една година нема напредок во случајот. Многу почести од непријатните коментари се пораките за поддршка кои нашите читатели секојдневно ни ги праќаат.



Често си гостин и предавач на тренинзи за новинари во регинот, но и во Македонија. Која е најголемата болка со која се соочуваат медиумите на Балканот, и кои се најголемите пречки на новинарите во регионот кога станува збор за истражувачко новинарство?

Ситуацијата во Србија е слична како и ситуацијата во околните држави каде што е високо развиена корупцијата и организираниот криминал. Имате новинари кои наоѓаат приказни, сме работеле со нив, но знаат дека медиумите за кои тие работат нема да го објават тоа. Најголем проблем се условите за работа кои стануваат се потешки и потешки- од следење, до прислушкување, преку блокирање на институциите да одговараат на барањата на новинарите. Медиумите кои се комерцијални се соочуваат со проблеми да не добиваат реклами и се потешко опстојуваат на медиумскиот пазар.

КРИК е истражувачка мрежа каде што сториите се објавуваат на вашата веб страна. Колку е неопходна поддршката од останатите медиуми за пренесување на истражувачките стории, пред се телевизиите и весниците за да можат информациите да допрат до граѓаните?

КРИК објавува истражувачки стории, но имаме и дневна редакција- секојдневно објавуваме вести од областа на криминалот и корупцијата. За приказната која ја објавуваме стигне до поголем број луѓе значајно е да ја пренесе некоја телевизија или дневен весник. Се случувало кога објавуваме серија текстови за градоначалникот Синиша Мали, еден дневен весник на насловната страна ја пренесе првата приказна, а потоа добиле заканувачка порака „КРИК повторно во понеделник пушта нешто за Мали, немојте случајно да сте пренеле“.

Власта контролира голем дел од медиумите, па тие медиуми не ги пренесуваат нашите истражувања, додека одредени медиуми чекаат реакција на премиерот или некој од власта и потоа ја пренесуваат нивната реакција и коментари, но не и наводите кои што сме ги откриле.

Главно приказните кои КРИК ги објавува се силни и откриваат работи за најмоќните луѓе во државата и тоа меѓу читателите се шири преку социјалните мрежи, така што во тој случај на другите медиуми им е тешко да не игнорираат.

Месецот кога го објавивме интервјото со сопругата на Мали околу милион луѓе го посетиле нашиот сајт што во однос на бројот на граѓани во Србија не е малку. Така што денеска со толку голема употреба на социјалните мрежи и голем број на луѓе од сите возрасти кои имаат пристап до интернет, приказната полесно стигнува до читателот.


Колку е финансиски издржано да се биде новинар истражувач на Балканот. Знаеме дека најголем проблем на медиумите се финансиските средства. Како КРИК успева да работи во вакви времиња?

Благодарение на добрите приказни и тоа што единствено ние работиме на истражување на организиран криминал и до сега сме објавиле многу големи стории за корупција, успеавме да добиеме средства за да ги финансираме истражувањата. Но, тоа е секогаш проблем, бидејќи некои донатори се подготвени да дадат пари за новинарство- во смисол да се организираат тркалезни маси и конференции на кои новинарите ќе се запознаат и ќе разговараат за проблемите за цензура, но кога тие настани ќе завршат ништо важно не се менува во нашата работа и тоа не може многу да ни помогне.

Меѓутоа добро е да има донатори кои и покрај тоа што во државите каде што имаат отворено канцеларии и каде што работат не се откажуваат од тоа што можат да се замерат со локалните власти и донираат за работата на новинарите кои објавуваат истражувачки стории и откриваат се за луѓето кои стојат на врвот на власта.

Нашата работа ја препознаваат и читателите и така од почетокот на отварањето на сајтот направивме систем да можат и нашите читатели да не поддржат со донации- – crowd-funding (донации од граѓани) и така да ни помогнат да продолжиме со истражувањето.

Некои приказни успеавме да ги завршиме благодарение на парите кои граѓаните ни ги донираа. Досега повеќе од 500 лица имаат донорано во КРИК и до сега успеавме да собереме 15.000 евра. Нашиот – crowd-funding е прв кој заживеа во Србија. После секоја приказна или напад од страна на власта или таблоидите, како вид на подршка ни стигаат голем број на донации.

Дали сметаш дека силните и издржани истражувачките стории може да направат промени во земјите на Балканот?

Ќе ја земам за пример мојата досега најпозната приказна-истражувањето за градоначалникот на Белград. Кога некој во Белград ќе го прашате за Синиша Мали, нема човек кој не слушнал за нашата приказна за него и веќе немаат позитивно мислење како порано.

Граѓаните секојдневно гледаат на тие промени. Ние новинарите откриваме корупција, истражните органи започнуваат некоја постапка, но Вие гледате дека нема поместување на работите и дека се е направено за да се направи превид дека истражните органи си ја работат својата работа, а всушност се под контола на власта.

Така Oбвинителството покрена некои предистражни постапки или доби информација на основа на кои би требало да постапува, но колку што знаеме до денеска не е покрената истрага за сериозно кршење на законот како што е ноќното рушење во центарот на Белград во кое е вмешан градоначалникот.

Често се случува кога некој нема веќе поддршка од врвот на власта, тогаш против него да покренуваат постапка и неколку случаи до сега биле само политички процеси. Додека сериозните случаи се завршуваат така што главните осомничени се ослободени или судскиот процес застарува. Најголем проблем е тоа што институциите кои што работат под контрола на власта и за сериозни случаеви немаат судски епилог. Откако ќе откриеме нешто важно институциите не реагираат.

Промената се случува откако граѓаните веќе не веруваат на тој што ги крадел, а институциите не реагираат.

Никој во Србија сам не поднесува оставка, а ни протестите кои овие денови се случуваат во Белград и во 20 градови во Србја не резултираа со тоа.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести