Цените пред празници се качуваат до небо: Колку ќе ве чини велигденската трпеза

Јагнешко или свинско печење, а може и печена кокошка, руска салата, сувомеснати, некој благ специјалитет, торта или колачи, убаво црвено вино. Најважен дел се секако јајцата украсени во најразлични бои. Ова се основните работи на македонските велигденски трпези. За да се подготви богата велигденска трпеза, потребни се најмалку 3.000 денари за едно четиричлено семејство.

Најважното, цената на табла јајца оваа година е приближно иста како и лани и варира од тезга на тезга во зависнос од големината на јајцата и тоа дали се домашни или не. За табла јајца ќе ви бидат потребни од 170 до 200 денари.

Кај зеленчукот цените се движат од 55 до 70 денари за килограм краставици, доматите се продаваат од 100 до 120 денари, додека младата зелката е 50 денари килограм, спанаќот 30-40 ден, а марулите 20 денари и 10 денари младо кромидче.

За подготовка на печењето ќе ви требаат повеќе пари, со оглед на тоа за колку луѓе ја подготвувате трпезата. Најевтино е свинското месо кое чини од 270 до 300 за килограм, јунешкото е најскапо и чини до 400 денари, а јагнешкото во моментов се нуди по цена од 300 до 350 денари.

Бананите се купуваат за цена од 45 до 65  денари, јаболки може да најдете убави, а поевтини и за 50 до 60 денари, а портокалите и за 30 денари килограм. Килограм пак киви се продава до 40-50 денари пред празникот, а лимон 80 до 85 денари.

Оваа недела ќе биде потрошувачкиот шпиц на пазарите и во супермаркетите, каде потрошувачката се зголемува за повеќе од 20%.

Дел од потрошувачите очекуваат и дополнително зголемување на некои од цените, посебно каде побарувачката е поголема, што не е исклучено со оглед на тоа што празниците секогаш се можност за поголема заработка за трговците. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!