Сите кризи во Македонија: Од транзициска до политичка

Еден од честите коментари кои можете да ги слушнете од македонските граѓани е дека ние сме навикнати да живееме во криза, бидејќи цел живот сме во некаква криза.

И навистина ако се вратиме години наназад од прогласувањето на независност на земјата на 8. септември 1991 година, и направиме некоја ретроспектива, ќе видиме дека како млада држава сме искусиле многу работи. Од некои работи сме научиле како треба, од некои не.

Првиот предизвик за младата држава беше грчкото ембарго. 

Како резултат на проблемот со името Македонија, зимата 1993 година Грција го блокираше снабдувањето на Македонија со нафта од пристаништето во Солун, задржувајќи танкер со нафта кој на Македонија би ѝ бил доволен за цели три месеци. Тоа создаде политичка и економска нестабилност во Македонија, која беше принудена да се снабдува со нафта преку Бугарија и Турција.

Ова беше една од повеќето ситуации во кои Грција ја блокираше трговијата со Македонија. Во 1992 и 1993 година, Грција често ја затвораше својата граница за транспортот на стоки од Македонија во Грција и обратно, а и со закана за целосна блокада.

На 16 февруари 1994, по специјално свикана седница на грчката Влада, грчкиот премиер Андреас Папандреу објави дека Грција ги откажува сите трговски врски со Македонија и дека го затвора нејзиниот конзулат во Скопје. 

Неколку дена откако Грција ја објави економската блокада кон Македонија, шест земји од Европската унија - Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Германија и Данска - побараа Атина веднаш да ја прекине блокадата. 

Во исто време Бугарија ѝ понуди на Македонија употреба на нејзиното пристаниште во Бургас на Црно Море. Албанскиот претседател Сали Бериша ги стави сите услуги на пристаништето во Драч на располагање на Македонија. Турскиот претседател Сулејман Демирел ѝ понуди на Македонија користење на турските пристаништа и вети турска помош.

Епилогот од грчкото ембарго беше милиони евра загуба за македонските компании и државата, а од друга страна многу бизнисмени блиски до власта на СДСМ профитираа од шверц на нафта, цигари и други производи.

Втората поголема криза ја имавме со стартот на приватизацијата и т.н. период на транзиција.

Приватизацијата на претпријатијата со општествен капитал во Македонија започна во 1993 година и траеше следните неколку години, а епилогот беше страшен.

Приватизацијата во Македонија се смета за една од најлошите во Југоисточна Европа, илјадници работници останаа без работа, пропаднаа многу фирми, а државата успеа да инкасира едвај 2,3 милијарди евра, што е околу 20% од вредноста на претпријатијата кои беа приватизирани. 

Беа приватизирани околу 95% од фирмите во земјата, а беа продадени удели во над 1.700 претпријатија.

Тоа е периодот кога благодарение на политичката власт на СДСМ во земјата се „родија“ македонските олигарси, кои и до денешен ден успешно пловат, за разлика од државата.

И бегалската криза не е нешто ново за македонската држава. Во своето постоење искуси неколку. Во деведесетите во земјата престојува над 400 илјади бегалци од Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Најголемиот удар го имавме со Косовската бегалска криза кога во Македонија престојува околу 360 илјади бегалци од соседно Косово, како резултат на тамошната војна. Поголемиот дел од нив беа сместени во семејства, а остатокот во осум прифатни центри, а најголемиот од нив беше кампот „Стенковац“.

Минатата година имавме нов предизвик со бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан, со кој успешно се справивме, а според најавите и годинава не очекува нов бегалски бран од тој кризен регион.

Во 2001 година Македонија го имаше еден од најголемите предизвици-воениот конфликт

Воениот конфликт траеше од јануари до ноември 2001 година. Конфликтот започна кога албанската паравоена формација Ослободителна Народна Армија (ОНА), ги нападна безбедносните сили на Македонија. Конфликтот заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во август истата година.

На крајот на годината Алтернативната информациона мрежа, објави дека вкупниот број на жртви од страна на македонските безбедносни сили е 72. Албанската страна никогаш официјално не го објави бројот на жртви, а се претпоставува дека нивниот број бил околу 3.000.

Според “Бела Книга“, издадена од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, бројот на загинатите припадници на полицијата во вооружените дејства бил 15 жртви и 150 повредени, на старешини и војници на Армијата на Република Македонија 43 жртви и 119 повредени.

Според истите извори, бројот на цивили убиени во конфликтот од страна на ОНА бил 10 жртви и 75 повредени, бројот на физички нападнати и измачувани граѓани од страна на ОНА бил 20, а бројот на киднапирани и исчезнати лица околу 20.

До август 2001 година, бројот на раселените лица од воениот конфликт бил 170.000, од кој 74.000 внатрешно раселени. 

Во 2008 година и Македонија ја почуствува светската економска криза, иако власта на ВМРО ДПМНЕ создаде слика дека земјата останала имуна на глобалните финансиски случувања.

Последиците рака на срце за Македонија од оваа криза за разлика од многу други земји не беа големи, но нема официјални вкупни податоци за штетата од оваа криза.

Последните три години Македонија е во една од најголемите кризи од своето постоење.  

Политичката криза, која последниве месеци премина и во уставна и институционална почна со исфрлувањето на СДСМ и опозицијата од македонското Собрание, следеше објавувањето на т.н. бомби на СДСМ, по што следеа месеци на преговарања и договори меѓу најголемите партии, и на крај создавање на Специјалното јавно обвинителство.

Повеќе од три години македонските граѓани чекаат епилог од оваа криза, која премина и во економска.

Последните избори во декември минатата година наместо да донесат решение, дополнително ја влошија ситуцијата, откако по изборите албанските партии ја преставија заедничката платформа.

СДСМ, Алијансата за Албанците, ДУИ и Беса обезбедија мнозинство од 67 пратеници за формирање на нова влада, но се уште го немаат добиено мандатот од претседателот Ѓорге Иванов, кој одбива да го стори тоа.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.