Го „кроите“ буџетот за годишен одмор: Колкави се туристичките такси во европските градови

Веќе започнавте да го планирате буџетот за летните одмори. Освен дестинацијата на која што планирате да патувате, без разлика дали одморот ќе го планирате во сопствена режија или преку туристичка агенција една од основните работи што треба да ја знаат граѓаните е дека во планираниот буџет за годишен одмор треба да ја вкалкулираат и сумата за туристичките такси кои се должни да ги платат доколку престојуваат во некоја од европските метрополи.

Според статистиката на американскиот портал „Кајак“, која ја пренесува порталот lovemney.com за посета на европските дестинации туристите треба да одвојат од 7 до 70 евра дневно.

Во Лисабон има најниска туристичка такса. Доколку букирате хотелско или некој друг вид сместување во Лисабон, такса за престој по ноќевање ќе ве чини само 1 евро и тоа независно од категоријата на хотелот. 
Највисоки туристички такси, според истражувањето на „Кајак“, има во Белгија и во Италија.

За еднонеделен престој во Брисел, туристичката такса изнесува меѓу 42 и 70 евра, во зависност од сместувањето, односно дали туристите ноќеваат во хотел со три, четири или со пет ѕвездички.

Цените на туристичките такси во Италија варираат од регион во регион. Доколку престојувате во Рим, еднонеделна такса изнесува 49 евра, а во Фиренца, Венеција или во Милано таксата за привремен престој е 35 евра.

Западноевропските градови како што се Амстердам, Виена или Берлин таксата за привремен престој ја пресметуваат врз основа на цената за хотелско сместување, а не врз основа на категоријата на хотелот.

Пресметано во проценти, за одмор во овие градови, на цената за сместувањето ќе мора да се додаде уште околу 3 до 6 отсто за таксата за привремен престој.

За еднонеделен престој во Париз пак, туристите плаќаат околу 20 евра на име на такса за привремен престој. Кога станува збор за Франција, таксата за привремен престој е далеку поголема доколку престојот е во хотел со пет ѕвездички.

Во Шпанија е воведена и така наречена еко-такса. Покрај редовната такса за престој на Ибица или Мајорка, на пример, туристите постари од 16 години плаќаат и еколошки надоместок, во зависност од категоријата на хотелот во кој се сместени.

Тоа значи дека хотелите со 3 или помалку ѕвездички од гостите на име на еко-такса наплаќаат по 1 евро од ноќевање, додека оние што се сместени во хотели со 4 или со 5 ѕвездички плаќаат по 2 евра на име еко-такса.

Ваков вид данок лани воведе и Малта која на туристите им наплаќа по 50 центи од ден. Сепак, максималниот износ по лице, независно од бројот на ноќевањата, изнесува 5 евра, што според властите на Малта е разумна граница. На овој начин, сметаат тие, на годишно ниво во државниот буџет ќе се слеат околу 6 милиони евра.

Со Законот за таксата за привремен престој, странските туристи во Македонија плаќаат 40 денари дневно. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!