Македонците потрошиле речиси 85 милиони евра за купување онлајн

Македонците потрошиле речиси 85 милиони евра за купување онлајн, од кои најголем дел (72.8%) биле потрошени за купувања од странски трговци или 61.9 милиони евра наспроти 25 милиони евра остварени кон домашните трговци, покажува прегледот на е-трговијата во Македонија за 2016 година, направен од македонскиот веб-сајт за групни попусти, Grouper.mk.

Два милиони евра или 8% од вредноста на трансакциите остварени кон домашни е-трговци е направена од странски картички.

„Ако го гледаме бројот на направени трансакции кон странски е-трговци, тој изнесува 56% наспроти 44% кон домашните трговци што укажува на фактот дека просечната вредност на трансакцијата кон странските трговци е поголема од онаа кај домашните е-трговци (НБРМ, 2016),“ се вели во анализата.

Според најновите податоци од Народната Банка на РМ на крајот на 2016 година имало 711 интернет продажни места, но се уште отсуствува податокот за тоа колкав дел од регистрираните е-трговци се истовремено и активни на пазарот на електронска трговија.

Воедно и покрај тоа што на пазарот има над 1.8 милиони издадени платежни картички, не постои податок за тоа колкав дел од населението поседува платежна картичка (имајќи предвид дека едно лице може да поседува повеќе платежни картички).

Во Македонија се уште нема навика за плаќање со картичка и покрај тоа што постојат над 20.000 продажни места кои прифаќаат плаќање со картичка, односно 71% од вкупниот промет со картички е за подигнување и депонирање готовина од/на банкоматите, (67.5% подигнување и 3.5% депонирање) додека само 26% е промет од трансакции на физички места на продажба (НБРМ, 2016). 

Остварената вредност на оналајн трансакции направени кон домашните е-трговци во 2016 година изнесува речиси 1,6 милиони денари што претставува пораст од 36% споредено со 2015 година.

Годишниот пораст во 2016 година е значително помал споредено со претходните две години односно порастот во 2015 споредено со 2014 година изнесуваше 61%, и над 350% пораст во 2014 споредено во 2013 година. 

За разлика од физичките лица, правните лица купуваат повеќе од домашни трговци отколку од странски, но сепак учеството е многу мало што е и логично ако се има предвид дека учеството на издадени платежни картички на правни лица е само 1.5%. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови