Јосифовски од „Љубојна“: Музиката ја правиме со голема радост која се прелева и на публиката

Оливер Јосифовски кој публиката најмногу го идентификува со „Љубојна“ утревечер со Бојан Петков и Славчо Коцев ќе свират во Јавна соба. Како што вели во интервју за еМагазин, триото има посебен звук и отскокнува од вообичаената поставка трио во џез-музиката. Тоа го прават со голема радост, и таа радост се прелева во публика и станува многу интересно.

За македонската музичка сцена ќе каже дека е доста жива и интересна, има премногу интересни креативни музичари, и бендови со кои што се уште не свирел, а многу би сакал.

На 14 април ќе настапувате во Јавна соба заедно со Бојан Петков и Славчо Коцев. Што ќе и понудите на публиката со овој музички состав, имајќи предвид дека на сцена е навикната да ве гледа во соработка со различни музичари, свирејќи различни музички жанрови?

-Со Бојан и Славчо, се знаеме повеќе од осум години а заедно свириме трио во последниве пет години, по клубови низ Македонија. Тоа што ние го свириме го викаме наједноставно музика. Триото има посебен звук, и отскокнува од вообичаената поставка трио во џез-музиката, тука се испреплетуваат многу стилови како, рокабили, кантри, хип-хоп, музика за цртани филмови, самба, танго. Тоа го правиме со голема радост, и таа радост се прелева во публика и станува многу интересно. За Јавна соба имаме спремено исто така одлични музички дискусии, и скокотлив материјал.

Инаку со овие два прекрасни музичари се знаеме од многу проекти, соработуваме многу често, а и се дружиме приватно. Мислам дека и тоа е пресудно.Често пати свириме заедно во „Љубојна“ и снимаме заедно во некои од проектите што „Љубојна“ ги одработи изминатите 15 години.

Вие сте еден од најактивните музичари, па сцената колку и да изгледа замрена, вие сте активен. Каква е вашата оценка, има ли доволно музички настани и простор каде да се изразите?

-Македонската музичка сцена за мене е доста жива и интересна. Тоа што прави илузија на мртвило околу нас  е македонската самоубиствена стратегија т.е НЕстратегија на постење и некреирање брендови, и сите знаеме како оваа одвратна транзиција со децении трае трае трае...и тоа се прелева во нашите животи, секако најмногу се чувствува во креативните кругови. Иначе има премногу интересни креативни музичари, и бендови со кои што се уште не сум свирел, а многу би сакал. Еден од тие бендови со кои со години сум сакал да настапувам е еден прекрасен бенд „Бернаис Пропаганда“, па оваа година ми се оствари и таа желба.

 Со „Љубојна“ ќе настапувате на „Оф фест“, а имавте концерт и во Србија? Како поминавте пред српската публика?

-Со Љубојна сме на едно музичко патување веќе подолго време. Се отсвирија многу концерти, направивме девет албуми, вратоломно различни концепти, по мирис боја и вкус.Ни претстојат уште многу музички истражувања, и музички изненадувања.Со задоволство ќе настапиме годинава на нашиот фестивал нај познат фестивал за светска музика „Оф Фест“. Со господинот Оливер Белопета се договаравме подолго време каков концепт да направиме, и со каков перформанс групата да го задоволи истенчениот вкус на публиката од „Оф Фест“, така што очекувајте не наскоро...

Белград беше супер искуство. Отидовме инвазивно, 30 луѓе махери, да претставиме нешто  што значи македонски музички бренд. Тоа беше препознато од белградската публика и секако од белградскиот новинарски кор. Излегоа неколку критики, баш право во срце како што одамна не сме слушнале.Засега тоа е, имаме договори за понатамошна соработка. Ова би требало да биде поттик за нашите музички бендови да пробуваат да излегуваат да не се плашат да одат до лево десно да отсвират да показат дел од тоа што во македонија се работи како музика, и сигурен сум дека ќе биде препознато како нешто убаво. Нас тоа што ни недостасува е повеќе излегување наоколу и презентирање на тоа што значи македонска музика, од сите музички жанрови.

Дали подготвувате нов албум со „Љубојна“ или можеби работите на некој друг проект?

-Албум на „Љубојна“ излезе во ноември, правевме промоција во Њујорк. Овај албум доста долго време го правевме, свират многу музичари од регионов па и светот. А за друг нов албум го чекаме самото да ни се кажи. Тоа си има свое темпо, има милион прашања пред тоа. Чекаме како да изгледа по мирис, по вкус, каккви состојки да содржи, аа да биде пак ново, и свежо, всушност по тоа што „Љубојна“ ја препознаваме.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови