ЕКСКЛУЗИВНО: ЦИА открива како Тито убивал Македонци и Албанци кои биле против режимот

10572 Views Април 15, 2017 ЦИА открива Никола Осило

Како што во неколку наврати пишуваше „еМагазин“, американската Централна разузнавачка агенција – ЦИА неодамна објави 12 милиони тајни документи меѓу кои и илјадници кои се однесуваат на Македонија и Југославија.

Во оваа прилика ви пренесуваме како разузнавачите на ЦИА ги известувале претпоставените за македонските и албанските организации во Македонија кои биле против комунистичкиот режим на Јосип Броз Тито и кои заради тоа биле убивани и осудувани на тешка робија до 20 години.

„Во 1950 година во Вардарска Македонија постоеја следниве антикомунистички организации:

-ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација)

-Национална шиптарска демократска организација (Албанско-муслиманска националистичка организација чија цел е присоединување на Косово и Метохија кон Албанија)

-Инџел (муслиманска антикомунистичка организација)

-Југословенска фракција (организација која вклучува ројалисти и републиканци кои се залагаат за воведување демократски режим во Југославија во која Вардарска Македонија би била посебна федерална единица“, пишува во документот на ЦИА.

Во него се опишува како во 1947 година 60 членови на Националната шиптарска демократска организација биле уапсени.

„Четворица од нив беа ликвидирани, а останатите се осудени на затвор во траење од 3 до 20 години. Махмут Думани, еден од најистакнатите лидери на организацијата беше осуден и испратен во затворот во Скопје“, пишува во документот.

Разузнавачите на ЦИА потоа информираат како југословенските власти ја откриле тајната организација Инџел во 1948 година и како триесет лидери на организацијата биле уапсени.

„Четворица од нив беа ликвидирани, а останатите осудени на робија во траење од 3 до 20 години. Тие беа обвинети дека промовирале антикомунистички активности и дека одржувале тајни контакти со турскиот конзулат во Скопје“, пишува во документот на ЦИА.

Во него, се опишува и како функционирала пропагандата на ВМРО и се открива соработката на оваа организација со слични националистички движења во Хрватска и Србија.

„Пропагандата на ВМРО беше промовирана во гимназиите и универзитетите од тричлени групи. Штабот на студентската фракција на ВМРО е во Скопје. Оваа фракција има свои групи на универзитетите во Загреб и Белград. Белградските групи на ВМРО соработуваат со антикомунистичката организација Златен орел, која има членови низ цела Југославија. Во Загреб, групите на ВМРО соработуваат со хрватската антикомунистичка организација Крстоносци. Во Загреб функционира и антикомунистичката усташка организација. Во Загреб има околу 4.000 Македонци“, пишува во документот на ЦИА.

Разузнавачите на ЦИА потенцираат дека според доушниците во периодот од 1945 до1950 година, меѓу 800 и 1.000 лица биле обвинети за антикомунистичко делување и за членување во ВМРО.

„Многу од овие индивидуалци меѓу кои има и свештеници, воени лица, професори, студенти и селани се ликвидирани или осудени на затворски казни во траење до 20 години“, пишува во документот на ЦИА.

Оргиналниот документ на ЦИА ТУКА.

СИТЕ ДОКУМЕНТИ НА ЦИА ЗА МАКЕДОНИЈА КОИ ЕМАГАЗИН ДО СЕГА ГИ ОБЈАВИ МОЖЕТЕ ДА ГИ НАЈДЕТЕ ОВДЕ.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести