Што му донесе референдумот: Ердоган ќе биде и премиер и претседател

Референдумското „Да„ на мнозинството Турци за уставни промени му носи на турскиот претседател Реџип Таип Ердоган апсолутна моќ.

Според предвидените промени би се укинало местото премиер, а претседателот ќе биде две во едно: претседател на владата и шеф на државата.

Значи со промените сега Ердоган ќе има право да го планира буџетот, да именува министри и судии, да разрешува од должност... односно со 18. уставни амандмани, турскиот систем ќе се трансформира од парламентарен во претседателски.

Или со еден збор Ердоган ќе биде најмоќен лидер од времето на Мустафа Кемал Ататурк.

Зголемувањето на овластувањата на Ердоган ќе му обезбеди уште два потенцијални мандати по 2019 година, а исто така, тој би можел еднострано да го распушти парламентот, со што би поставил функционери според сопствената политичка агенда.

Уште повеќе, измените ќе му овозможат на претседателот исто така еднострано да донесува закони со претседателски декрети, се додека тие не влијаат на индивидуалните слободи кои се заштитени со Уставот.

Овие промени се подготвуваат веќе подолго време, откако Ердоган уште во 2003 година кога беше премиер, истакна дека негова цел е нов Устав со кој би „ја претставувал волјата на народот”, како и дека власта мора да биде поконцентрирана за да се надмине „дисфункционалноста” на турскиот парламент.

Одделни елементи на поделба на власта сепак остануваат и со промените. Парламентот би можел во одредени области да ги прегласа одлуките на претседателот, би можел да води истраги или со двотретинско мнозинство да го симне претседателот од функција.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови