„Макпетрол“: Со сила не тераат да ги складираме државните резерви на нафта

Макпетрол АД Скопје повеќе од 26 години на сопствен трошок без надомест, ја извршува дејноста складирање на нафтени деривати за потребите на Република Македонија, соопшти компанијата преку Македонската берза.

Оттаму велат дека поради одолговлекувањето од Владата за донесување на подзаконски акти, кои го регулираат надоместокот за складирање на нафтени деривати за потребите на Република Македонија, „Макпетрол“ поради големите трошоци за складирање на нафтени деривати за потребите на Република Македонија, кои годишно изнесуваат околу 90.000.000 денари, се откажа од продолжување на веќе истечената Лиценца за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, согласно Законот за енергетика.

„Регулаторната комисија за енергетика на РМ, спротивно на закон и надвор од своите овластувања, два пати во времетраење од 1 (една) година, го продолжува рокот на Лиценца за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, со што „Макпетрол“ АД Скопје, e присилен да врши дејност која произлегува од предметната лиценца, а која не е регулирана енергетска дејност, согласно Законот за енергетика“, соопшти компанијата.

Оттаму информираат дека за заштита на интересите на Макпетрол АД Скопје и неговите акционери, раководството ги превзема сите расположливи законски можности за оспорување на самоволието и незаконското постапување на Регулаторната комисија за eнергетика.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови