Заев по средба со амбасадорите на Германија, Британија, Шведска и Холандија најави брз избор на спикер и влада

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорките на Германија, Велика Британија, Кралството Шведска и на Кралството Холандија.

Во соопштението од СДСМ се наведува дека на средбата е констатирано оти Република Македонија мора да ги продолжи демократските процеси со што ќе се осигура стабилната иднина за граѓаните.

- Парламентарното мнозинство од 67 пратеници е подготвено да ја реализира граѓанската волја за промени, изразена на изборите на 11 декември. Чекорите што следуваат во брзо време се избор на нов собраниски претседател и нова реформска Влада, според Деловникот на Собранието, Уставот на Р епублика Македонија и законите, рекол Заев.

На средбата се разговарало за потребата сите политички субјекти во државата, институциите и поединци да ја земат предвид одговорноста што ја имаат, за да го овозможат овој процес, како и последиците од евентуалното однесување на штета на државните интереси.

Лидерот на СДСМ посочил дека е неопходно да се постапи според мнозинската волја на граѓаните и да се овозможи мирен трансфер на власта. 

На средбата со амбасадорите Кристине Д.Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп оценето е дека излез од кризата е спроведување на итните реформски приоритети на државата што ќе ги одблокираат евроатланските перспективи. 

Фото: СДСМ

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови