Србија, Словенија, БиХ и Црна Гора се здружија да го спречат ширењето на проблемот на „Агрокор“

Пренесено од Н1 - Белград

Во потрага по решение за проблемите на „Агрокор“ во Белград седнаа министрите за трговија и стопанство на Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Прашање беше дали Србија и земјите од регионот имаат стратегија за заштита на пазарот и дали постои механизам кој ќе го спречи одливот на пари од фирмите на „Агрокор“ во земјите од регионот во матичната компанија?

Пет минути беа потребни околу проблемите на „Агрокор” да се обединат четворицата министри за стопанство и трговија и да го закажат првиот заеднички состанок. - Кризната состојба, бара кризни решенија, вели српскиот министер за трговија Расим Љајиќ и додава дека Србија разгледува мерки, со цел парите од компанијата кои се поврзани во системот на „Агрокор“ да не одат од земјата:

- Ние и Словенија сме речиси во иста состојба. Ние би можеле да донесеме Закон, со кој би именувале некого во управата во „Меркатор“, чија цел би била да следи и да врши надзор над финансиските текови, парите од тука да не се одвлекуваат во Хрватска. Тоа можеме да го направиме. Словенците, според се, тоа ќе го направат, законот е предаден во Парламентот, вели Љајиќ.

За посебен закон се зборува и во Босна и Херцеговина. По состанокот со претставниците на тамошната влада, Добавувачите на „Агрокор“ порачаа - подготвени сме да ја продолжиме соработката и да ја испорачуваме стоката, но со прецизен договор за начинот на плаќањето и гаранции дека парите, на крај ќе стигнат.

- Фер однос мора да има, добавувачите се подготвени да влезат во ризик, на „Конзум“ и натаму да му даваат стока, само мора да бидат сигурни што ќе биде со плаќањето и на тие испораки и на стариот долг. И ако тоа се постигне, а јас се надевам дека ќе се постигне, тогаш едноставно тој стоково-финансиски тек ќе се врати веројатно во некој разумен рок во нормала, наведе Амир Зукиќ, министер за развој на Федерацијата БиХ.

Иако Надзорниот одбор на „Меркатор“ утврди дека работењето на српскиот дел на „Агрокор“ во изминатиот период било коректно и без неправилности, советникот за инвестиции Махмуд Бушатлија, предупреди дека клучно е да се следи работата на сите компании поврзани со „Агрокор“.

- Најголемо внимание треба да има на финансиската работа на тие фирми, значи да се види оправданоста на плаќањето надвор од земјата, да се види дали фактурите се надувани, да се види дали е оправдано фирмите на Тодориќ во Србија да плаќаат нешто надвор од Србија? Посебно ако плаќаат на фирмите на Тодориќ или се поврзани со фирми со Тодориќ. Не сум сигурен дека нашите воопшто се свесни кој се е поврзан, бидејќи не е лесно да се најдат поврзаните фирми, наведува Бушатлија.

Сепак, Владата на Србија уверува дека ако се покажат индиции дека парите се извлекуваат од Србија и се пренасочуваат кон фирмите на Тодориќ и Србија е подготвена да донесе посебни законски мерки, но повторуваат дека секој знак за подобрување во работата би бил корисен и за српскиот пазар.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови