Како во Турција умре демократијата

Пренесено од Недељник - Белград

„Кажи ни да убиеме, ќе убиеме. Кажи ни да умреме, ќе умреме. Ердоган, Ердоган!”

Вака скандираа поддржувачите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по прогласената победа на референдумот. Скандидарњата громогласно се слушаа во неделата навечер на улиците на Анкара во моментот кога речиси половина земја жалеше поради сега веќе очигледниот целосен крах на демократијата.

Со тесната победа на идеите на Ердоган на референдумот одржан во неделата во Турција, покрената е целосна трансформација на турската политика и премин од парламентарен во претседателски систем.

Судејќи според прелиминарните резултати, официјалните ќе ги знаеме следната недела, за промена на системот гласале 51,4 отсто граѓани на Турција. Поради овој тесен резултат, опозицијата ја доведе во прашање валидноста на референдумот. Тврди дека дошло до кршење на процедурата при броењето на гласовите. Опозициските партии поднесоа повеќе приговори на нерегуларности при гласањето, вклучувајќи ги и гласачките ливчиња без официјален печат.

Потпретседателот на Републиканската народна партија Булент Тезкан наведе дека имало неправилности при гласањето. Тезкан рече дека гласовите прво се броеле во тајност на неколку гласачки места, а дека на набљудувачите не им било дозволено да го следат процесот по повеќе часа по усвојувањето на забелешките на таа партија.

Главната курдска Демократска партија на народите најави дека ќе ги прескокне државните институции и ако неисправните ливчиња не се поништат, жалбата ќе ја упати до Европскиот суд за човекови права.

Во текот на обраќањето на поддржувачите во неделата навечер Ердоган ги оспори тврдењата на опозицијата и ја прогласи својата победа: „Дискусијата е завршена. Победи - ДА”.

Сепак, резултатите од референдумот покажаа дека поддршката на Ердоган се намалува во поголемите градови. Во најголемиот турски град Истанбул, чии граѓани во 90-те години на минатиот век го избраа Ердоган за градоначалник, сега мнозинството гласаа - не. Истото се случи и во Анкара и во Измир. Голем број поддржувачи на партијата АКП на Ердоган исто така гласаа против зголемувањето на претседателските овластувања.

Резултатот од референдумот ќе се одрази и на веќе заострените односи на Турција со Европската унија. Турција го запре мигрантскиот бран кон Европа, но Ердоган најави дека ќе го преиспита тој договор по референдумот. Европската комисија ја повика турската Влада да постигне „најширок можен национален консензус”.

Министерот за надворешни работи на Австрија и претседавач на ОЕБС Себастијан Курц порача дека Турција јасно се одлучи против ЕУ.

- Иако е гласано тесно во корист на измените на Уставот, тоа значи дека Турција се повеќе се оддалечува од правната држава и демократијата. Резултатот од гласањето е јасен сигнал против ЕУ, порача Курц.

- Со оглед на тесниот резултат на референдумот и длабоките импликации на уставните амандмани, ги повикуваме турските власти во нивното спроведување да постигнат најголем можен национален консензус, се наведува во заедничкото соопштение на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот на ЕУ за проширување Јоханес Хан.

Измените на Уставот, вкупно 18, ќе му овозможат на Ердоган да именува и разрешува министри, да се кандидира за уште два претседателски мандати и повторно да го преземе водството над својата партија АКП. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови