Македонија била дел од „Патот на свилата“

„Патот на свилата“ е историска мрежа на меѓусебно поврзани рути во Евроазија, преку кои се одвивал транспортот на стока од работ на Азија до центарот на Европа во период од речиси 3.000 години.

Деновиве оваа мрежа е повторно актуелна преку иницијативата за воспоставување на новиот „Пат на свилата“ како сет од транспортни коридори кои целат кон обединување на евроазиската инфраструктура и кон олеснување на пристапот и на транспортот.

Оваа транспортна мрежа која поминувала и низ Македонија, го добила името по една од стоките кои се транспортирале по неа-свилата, која се произведува од свилена буба.

Македонија имала долга традиција на одгледување на свилени буби

Во средината на минатиот век, Гевгелија привлекувала многу богати трговци од Европа, токму поради откуп на кожурците од свилена буба. Постоела и работилница за преработка на свилена буба.

Македонија е извонредно географско подрачје за одгледување свилени буби и имала долга традиција во оваа област.

Валандовското и Гевгелиското подрачје биле познати како региони каде што било развиено свиларството и од каде што се добивала многу квалитетна свила.

Македонија (од Гевгелија до Велес-свиларата „Нонча Камишова“) во соработка со Италија (Падова) беше главен производител на свилен конец на Балканот, но во времето на комунизмот долгодишната традиција замина во историјата.

Пред неколку години во Кавадарци имаше обид повторно да се заживее свиларството во Македонија, но немаше доволно финансиски ефект и интерес кај локалното население, бидејќи произвоството на свила бара ангажман на голем број луѓе во краток временски период.

Како изгледа процесот на одгледување на свилените буби

Процесот на нивно растење до “зачаурувањето” трае околу 40 дена. Растат брзо и достигнуваат големина од осум до 10 см, а дебелина од скоро еден сантиметар. Јадат само додека растат.

Неколку дена пред да почнат да се зачауруваат престануваат да јадат и бараат место каде да ја постават чаурата. Се зачауруваат на гранки. Претходно од устата испуштаат два конца – свила и уште една состојка што всушност ја лепи свилата за кожурецот. Три до четири дена го создаваат кожурецот и остануваат внатре десетина дена.

Треба внимателно да се бројат тие денови, бидејќи 11-тиот или 12 -тиот ден го прегризуваат кожурецот и излегуваат. Тогаш се пеперутки, не се движат многу се оплодуваат и снесуваат јајца. Живеат само седум до десет дена. Една пеперутка може да снесе до 300 јајца, од кои следната година во пролет се изведуваат нови свилени буби- гасеници. Од еден кожурец се добива до 3 км. свила.

Ако тие се чуват во соба треба да се одгледуваат на температура до 25 степени, а просторијата треба да биде чиста, затемнета, а воздухот да не биде премногу сув.

Нашите баби на времето биле толку приврзани кон овој бизнис, што оние буби што ги одбирале за несење на јајца ги чувале под пазува (мишка) за да бидат на топло темно и влажно и притоа да им обезбедат константна температура.

Во Кичево се одгледувале свилени буби уште во 15 век

Овој интересен податок се наоѓа во еден турски документ, дел од пописен тефтер од 15 век, во кој се опфатени стопанските карактеристики на Кичевската нахија која освен Кичево, ги опфаќала и селата од Брод и Поречието.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови