Одбележани 25 години од основањето на Лекарската комора на Македонија

Лекарската комора на Македонија денеска одбележа 25 години од нејзиното основање. Министерот за здравство Арбен Таравари на свеченоста порача Комората и натаму да го одржува дигнитетот на докторите.

- Здравствениот систем е составен од доктори и пациенти. Ќе имаме среќни пациенти кога ќе имаме и среќни лекари, истакна Таравари.

Најави дека Министерството ќе почне кампања во која ќе се кажуваат успешните приказни на докторите, со цел, како што рече, пациентите да знаат дека и лекарите се пациенти и дека тие некаде се лекуваат.

Претседателката на Лекарската комора Калина Гривчева Старделова порача дека Комората ќе продолжи да работи за доброто на докторите и пациентите, а најави и добра соработка со Министерсвото за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Лекарската комора на Македонија е формирана на 5 јуни 1992 година. Иницијативата за формирањето на Комората во Македонското лекарско друштво ја покренуваат неколку доктори врз основа на сознанијата што тие ги имаат за развиените земји во светот.

Собранието е одржано во просториите во Болницата на Армијата на Македонија во Скопје. На првата конститутивна седница, меѓу другите, присуствувал и Киро Глигоров, првиот претседател на Република Македонија. По уводниот збор на проф. д-р Јован Тофовски и поздравниот говор на Киро Глигоров делегатите усвоиле Статут и Кодекс на медицинската деонтологија на Комората. Биле избрани и органите и телата на Лекарската комора. За претседател е избран проф. д-р Алексеј Дума.

Во Лекарската комора на Македонија во почетокот членувале доктори по медицина и докторите по стоматологија. Во 1995 година стоматолозите се издвојуваат и формираат нова Стоматолошка комора. 

Извор/фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови