Домашни трикови: Како да бидете негувани, а да не трошите пари во козметички салони

Ништо не може да ја релаксира и опушти жената, како третманите и „тинтрањето“ во салон за убавина. Преку претстојот таму доживува психичка и физичка катарза и се преродува. Нема жена која не сака да оди, бидејќи излегува како нова.

Издепилирана, со направен педикир, маникир, освежено и исчистено лице. И се е тоа супер доколку таа може да одвои околу 100 евра месечно за да ги направи сите потребни третмани кои од неа ги бараат телото, кожата, годините и нејзиното сопствено јас.

Но, доколку нема доволно средства, како „прва помош“ може да и послужат и третманите кои може да ги направи во домашни услови. До следната посета на салон.

Депилација на нозе

Депилацијата на нозе со топол и ладен восок има различна цена. Депилација на цели нозе со препони, во зависност од салонот и видот на депилација  чини околу 1.000 денари. Во домашни услови за ладна депилација ви требаат лентички (едно пакување од 100 парчиња е 170 ден) и восок за ладна депилација кој чини околу 100 денари. Исто така, за восокот кој инаку треба да го растопувате во врела вода, постојат и специјални машинки за растопување кои чинат од 800-1.100 денари.

Па со една инвестиција од 1.000 денари, колку што може да ве чини една депилација во салон, вие сте си го решиле прашањето за депилација со ладен восок во домашни услови за многу долг период. Тука се и лентите на Veet чија што цена на парчиња со восок чинат околу 250 денари.Топлата депилација е уште поевтина и во домашни услови, можете да поминете и со 100 денари.

Нега на лице

Во салон за убавина, убав третман на лице чини од 1.500 денари па нагоре. Но, доколку сакате да ја освежите кожата на лицето маска можете да си направите и дома, со производи кои ги имате во фрижидер. За омекнување и затегнување на кожата на лицето, на пример измешајте една голема лажица мед која претходно малку ќе ја загреете со сок од портокал.

Нанесете тенок слој и оставете да отстои десетина минути. За нежен третман направете микс од 2 големи лажици ситно рендано јаболко, 2 големи лажици ситно рендан морков, 1 мала лажица маслиново масло кое треба да се загрее и да се додадат состојките. Инхалацијата на лицето со чај од камилица е добро за отворање на порите. Потоа пилнг може да направите со шеќер и шампон Бекутан.

Можете да направите и маска од лимон и јогурт, како и да купите глина со која ќе ги намачкате и телото и лицето.

Нега на стапала

Кожата на стапалата посебно е сува на зима, но и се оштетува кога почнуваат да се носат сандали. Педикирот чини околу 800 денари, а истиот во домашни услови некогаш може да чини и помалку од 100 денари. Тајната е во течниот глицерин. Имено, купете глицерин од најблиската аптека кој се продава во тубички.

Навечер пред легнување ставете ќеси на нозете, облечете чорапи и отспијте. Наутро кога ќе станете, со помош на турпија отстранете ја тврдата кожа која е омекната од глицеринот.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести