Катерина Костовска, Тиквеш: За успех во светот на виното најважно од се е да докажете дека имате квалитет

Угледниот интернационален вински натпревар - International Wine Challenge (IWC) што се одржува во Лондон, Велика Британија, му го додели престижниот „Трофеј за најдобро црвено вино од Македонија“ на виното „Вранец Special Selection“ од бербата 2015-та на Винарската визба „Тиквеш“. Тоа е одличен повод за интервју со Катерина Костовска, менаџерка во „Тиквеш“ задолжена за пласман надвор од пазарите во регионот.

За каква награда се работи и што значи тоа за „Тиквеш“?

Костовска:Во светската винска индустрија, учеството на вински натпревари од највисок ранг како што е IWC, каде секоја година има огромна конкуренција од цел свет, е навистина значајна работа. Тоа е особено важно за унапредување на репутацијата на брендот и за јакнење на препознатливоста на земјата како позната винска дестинација.

Оттука, иако ова не е првa награда за вината на „Тиквеш“, таа е исклучително значајна, бидејќие доделена за виното„Вранец Special Selection“ кое е произведено од автохтона сорта каква што е вранец, а која потекнува од нашиот регион. На еден светски вински натпревар од рангот на IWC многу полесно е да се добие награда за вино кое потекнува од интернационални сорти како на пр. мерло или шардоне, но навистина е реткост да се добие трофеј за квалитет за вино од автохтона сорта со уникатни карактеристики кои не се толку широко познати во светски рамки.

Значењето е дотолку поголемо ако се земе предвид и фактот дека признание од ваков висок ранг добиваат помалку од 1% од сите пријавени вина на натпреварот. Сето тоа зборува за високите карактеристики што треба да ги поседува виното што добива „Трофеј за најдобро црвено вино“ кое потекнува од одредена земја, во случајот - Македонија. Овој трофеј беше доделен од страна на ко-претседателот на IWC и еден од најпознатите светски вински критичари, Тим Аткин, а самиот натпревар и церемонијата на доделување на наградите беше можност за средба и со еден од најпознатите британски и светски вински автори Роберт Овен, попознат во винскиот свет како Оз Кларк.

Она што за винскиот пазар во САД и Северна Америка претставува прочуениот Роберт Паркер, во однос на препораките и неговите оценки за вината што ги дегустира, тоа за Велика Британија и пошироко за Европскиот пазар на вино, претставуваат Тим Аткин и Оз Кларк. Затоа е особено значајно тоа што овие двајца искусни вински критичари од прва рака успеаја да се запознаат со квалитетот и високото реноме на врвните македонски вина.

Кажете ни нешто повеќе за винскиот натпревар International Wine Challenge?

Костовска: IWC-International Wine Challenge постои веќе 34 години. Во текот на овој период натпреварот успева да изгради навистина високо реноме. Секоја година на него учествуваат сите производители што нешто значат во светот на виното, како и оние што се трудат да се пробијат со нивните вина и да го најдат своето местово глобални рамки.

Вината ги оценуваат најдобрите вински критичари и оценувачи во светот, по најстроги критериуми. Дополнителен факт што има влијание врз реномето на овој натпревар е тоа што тој се одржува во Лондон. Имено, Велика Британија, а особено Лондон како пазар е многу значаен за винската индустрија, особено за пробивот на вината од производители кои доаѓаат од вински региони надвор од добро познатите винарници од Франција, Шпанија или Италија.

Доколку виното биде прифатено и се најде на понудата во рестораните и трговските објекти во Лондон, тогаш е многу веројатно дека ќе го освои и целиот свет. Тоа му дава дополнителен престиж на овој натпревар и ги подигнува критериумите врз основа на кои се оценуваат вината. Затоа, особено ни е драго што токму на еден ваков натпревар винарница од Македонија, па и од регионотна Југоисточна Европа, доби вакво престижно признание, што е уште една потврда дека „Тиквеш“ е во светскиот клуб на елитни производители на вино.

Вреди да се спомене дека IWC и Decanter се најпрестижните вински натпревари во Велика Британија, при што разликата меѓу нив е што додека на IWC оценувачите се експерти и критичари,на Decanter панелите за оценување ги сочинуваат претставници на дистрибутерите, големопродажните компании, како и малопродажните синџири и други трговски објекти, односно лица што се во непосреден контакт со потрошувачите, го познаваат пазарот и ги одредуваат трендовите во однос на потрошувачката на вино.

Како ваквите награди влијаат на сликата за македонските вина на светските пазари?

Костовска:Со години наназад, „Тиквеш“ освојува и по 50-ина медали и високи признанија годишно и тоа на најзначајните светски и регионални вински натпревари. Со ова ние сме далеку најнаградуваната винарница од Југоисточна Европа. Тоа има големо значење за нас, затоа што испраќа јасна порака дека високиот квалитетот на нашите вина не е случајност, туку долгорочна стратешка определба во која се вложува во континуитет.

А континуитетот е особено значаен и ценет во винскиот свет, каде ништо не се случува „преку ноќ“. За да се изгради посакуваната препознатливост на нашите вина во светски рамки, потребно е многу трпение, време и се разбира многу вложувања.

Кажете ни нешто повеќе за награденото вино? Што е она што го одвојува ова вино во однос на останатите вина од соратата вранец?

Костовска:Познато е дека вранецот е исклучително благородна автохтона сорта од која можат да се произведат навистина квалитетни суви вина со интензивна танинска структура.  Она што ние во „Тиквеш“ го направивме со „Вранец Special Selection“ е што со иновации и дополнителни методи во сите сегменти на производството успеавме да добиеме вистински, уникатен вкус.

Нашиот енолошки тим употреби нов пристап – го смени начинот на обработка на земјиштето и лозјата. Со еден збор, се трудиме од природата и тероарот да извлечеме максимум. Грозјето за ова вино се бере кога ќе достигне полна зрелост, а во голема мерка ја намаливме и температурата на ферментирање на грозјето. Накратко, целта е процесот на производство да биде што попрефинет и поприроден. Резултат на сите овие промени е лесно вино со суптилен и полн вкус, што го прави посебно.

Ова го препознаа врвните вински експерти и оценувачи,како на пример Роберт Паркер, кој уште во 2010-та година му додели високи 90 поени, по што следуваше огромен интерес во САД и нарачки од страна на нашиот ексклузивен увозник, кој за прв пат во својата понуда вклучи и македонско вино, иако дотогаш беше фокусиран исклучиво на вина од Италија, Франција и Шпанија.

Од 2010 до сега „Вранец Special Selection“ редовно добива високи награди за квалитет на меѓународни вински натпревари, и повторно освои 90 поени од Роберт Паркер за бербата 2015-та. Трофејот што го добивме на IWC секако дополнително ќе го издвои нашето вино од останатите конкуренти, што секако очекувам дека нема да остане незабележано кај купувачите во Велика Британија и на другите светски пазари.

Што ќе значи ова за „Тиквеш“ особено во поглед на пласман на вашите вина на странските пазари? Помагаат ли овие награди во поголем пробив на овие пазари?

Костовска:Секако, наградите се значајни во винскиот свет од два аспекта. Прво, наградите даваат референца и потврда за врвниот квалитет на виното, што е особено значајно за вина од помали и помалку познати географски подрачја како што е Македонија. Второ,наградите помагаат за поголема промоција на вината на новите пазари. Но, за да ги обезбедите овие фактори основно е да имате квалитетно вино. За нас во „Тиквеш“ најважно е што нашето вино се одликува со врвен квалитет и тоа е многупати потврдено.

Тоа е важно за нас како винарница, но и за целокупната винска индустрија од Македонија, бидејќи преку наградите на вината на „Тиквеш“ ние воедно ја промовираме и Македонија како винска дестинација.

Кои се новите пазари на чиј пробив работите?

Костовска: Производител од рангот на „Тиквеш“, кој има исклучително широко производно портфолио и голем капацитет за производство мора постојано да вложува во зголемување на неговата конкуретност и да бара нови начини за пласман на странските пазари.

Се разбира, покрај стратегијата за освојување нови пазари, ние постојано вложуваме и на задржување и унапредување на нашите позиции на пазарите каде традиционално и со години сме познати и каде, благодарение на нашите досегашни напори, сме создале препознатливост на нашите вина и тие се широко прифатени. Можеме да потврдиме дека во изминатите години бележиме пораст на продажбата на сите значајни вински пазари во Европа.

Нашите вина, освен во земјите од регионот, каде со години се меѓу најпродаваните странски вина на тие пазари, веќе се и дел од винските карти во угледни ресторани воСАДи продажни места во Велика Британија, Холандија, Белгија и Данска, како и во Кина, Австралија, Дубаи во ОАЕ и други земји.

Се разбира, промовирајќи ги нашите врвни вина, „Тиквеш“ придонесува и за унапредување на репутацијата на Македонија како производител на квалитетно вино и со тоа индирекно ги зголемува и шансите на останатите домашани производители на вино за проширување на пласманот на странките пазари. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести