(Фото) Коњаниците тргнаа кон Мечкин Камен

Вчера, 28.7.2017 година од паркот Јане Сандански во Општина Аеродром дваесетина коњаници тргнаа кон славното Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Претседателот на Советот на Општина Аеродром, Виктор Камилоски, изјави дека Општината ја помага оваа манифестација веќе неколку години и ќе продолжи и понатаму да ја негува традицијата, бидејќи Илинденскиот марш е најголемата и најзначајната културна манифестација во Аеродром.

Тој на коњаниците им го предаде општинското знаме, со што официјално стартуваше 39-от традиционален коњички марш што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

Коњаниците придружувани од фаланга составена од дваесетина членови, игроорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните се упатија кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината отпоздравувани од голем број граѓани, кои спонтано застануваа да ги испратат коњаниците или да им се придружат во колоната.

Пред свеченото испраќање на гордите коњаници од Горно Лисиче, кои се на возраст од 18 до 65 години, меѓу кои и една девојка, во црквата „Св. Петар и Павле“ се одржа свечена литургија, на која високи свештеници од Македонската православна црква им дадоа благослов на патот кон Крушево.

Пред чинот на испраќањето на илинденците се одржа свечена музичка програма, каде настапија познати македонски естрадни уметници.

Во испраќањето на коњаниците кон Крушево, се вклучи и Општинската организација на Црвен крст „Кисела Вода“ која во дворот на црквата  „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче одржа крводарителска акција.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови