Кирковска: Има повеќе од 100 достапни кревети за фановите на Суперкупот, до сега поврзавме четири групи

Откако и странските медиуми почнаа да пишуваат за екстремно високите цени по хотелите во Скопје за престојниот Суперкуп, голем број на скопјани преку социјалните мрежи ги понудија своите станови бесплатно за навивачите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. За таа цел изработена е интернет страницата „supercupskopje.com“ на која заинтересирани странски навивачи ќе можат да добијат бесплатно ноќевање.

Со пораката „Stay in Skopje. Its free“ (Престојувајте во Скопје. Бесплатно е! ) на сајтот се повикуваат странските навивачи кои не нашле сместување или на кои им е прескапо да престојуваат во хотел да се пријават.

Впрочем, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели, а една од нив е Анита Кирковска. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Како дојдовте на идеја за креирањето на онлајн платформата за бесплатно сместување за претстојниот УЕФА Суперкуп?

- We Talk IT заедницата има за цел да креира технички решенија со отворен код, за актуелни предизвици и области кои се интересни за членовите или за поголемата заедница, со цел создавање на добри и корисни промени во општеството. Впрочем идејата за Super Cup Skopje - платформа за бесплатно сместување, се случи на вториот официјален состанок на членовите. Оваа идеја беше предложена од еден од членовите, и многу брзо сите се согласивме дека ќе ја реализираме. Веќе утредента, со поддршка од ИТ компанијата Адева, сместени во нејзините простории, ги распределивме одговорностите и почнавме да работиме. За 48 саати имавме прва верзија.

Целта, како што велите е да се обели образот на Скопје по низата поскапувања во хотелското и приватното сместување. Како вие гледате на овој потег на скопјани и дали до вас допреа голем број на реакции на фановите?

-Навистина се изненадивме од позитивните реакции кои што го добиваме постојано од јавноста. Никој од нас не очекуваше дека платформата ќе добие толку голем поздрав од граѓаните. Но, мораме да посочиме и дека со иницијативата ние не сакаме да се спротивставиме на хотелиерите. Доволно сме свесни дека еден ваков настан ја зголемува цената на понудата и тоа е нормално, но во некои реални рамки. Тоа што се случи во Скопје, ги премина границите и не посрами пред широката јавност. Нашата првична цел како заедница, беше креирање на техничко решение за да реагираме за актуелен проблем во Македонија, па поддршката на веќе претходно споделените иницијативи за бесплатно сместување, изгледаше како логична одлука. Другата поважна цел за нас како заедница, е да поттикнеме соработка на проекти со отворен код, и да посочиме дека започнуваме да креираме околина во која секој ќе може да допринесе, на проекти како овој или други. Инаку, првите два дена, иницијативата се прошири вирално. Не можам да ви опишам колку ни беше мило. Многу луѓе не споделуваа на социјалните медиуми и скоро сите медиуми ја покрија веста.

Која е стратегијата за фановите да дознаат за оваа платформа и притоа да ја искористат?

- Досега поврзавме четири фан групи, а продолжуваме со промоцијата за да ги пополниме и останатите. Работиме напорно за да го постигнеме тоа. Големи портали како Balkan Insights, Global Voices, Al Jazeera, па дури и спортскиот портал ESPN пишуваа за веста изминатата недела. Чекор по чекор го обелуваме образот. Работиме напорно за да го постигнеме тоа. Се обидуваме преку сите канали да стигнеме до фановите. Во моментот секоја поддршка и идеја е добредојдена и ја пречекуваме со раширени раце. Ги контактираме сите медиуми и социјалните профили на официјалните фан групи, од регионот, но и конкретно од Англија и Шпанија. Се обидуваме преку сите канали да стигнеме до фановите. Во моментот секоја поддршка и идеја е добредојдена и ја пречекуваме со раширени раце. 

Каде ќе ги сместувате фановите и на кој принцип ќе соработувате со тие што сакаат да се вклучат во оваа акција?

- Идејата на оваа платформа е да биде информативна, односно да служи како медијатор помеѓу домаќините и гостите. Така што, сите детали за сместувањето се договараaт помеѓу нив, преку комуникација на нивните емаил адреси. Пред се, ова е волонтерски проект и завршен за викенд хакатон. Не одговараме за интеракциите помеѓу гостите и домаќините, така што во комуникацијата им посочуваме дека треба да се служат со добро расудување и да мислат на нивната безбедност додека ги користат нашите сервиси. 

Колку места за спиење имате на располагање и кој се е вклучен дали се приватни станоиздаватели, хотели и слично?

- Во моментов имаме 50 активни листи кои што се поставени лично од граѓаните, со повеќе од 100 достапни кревети за фановите. И сето тоа го постигнавме, со помош на вкупно 2.200 споделувања од граѓаните, за вкупно три дена. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите за поддршката, затоа што сите заедно покажавме дека можеме да биде добри домаќини.

Дали вакви иницијативи веќе постојат во други земји?

- Не сме запознаени дали вакви иницијативи постојат во други земји. Она што е по возбудливо за нас, е тоа што секојдневно ни стигаат идеи како можеме да ја редистрибуираме оваа платформа со цел да помогнеме во други критични области, како  донации и социјално згрижување на семејства и лица со посебни потреби.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести