А зошто пратениците да не се возат со автобус

9896 Views Август 7, 2017 Мој став Петре Димитров

Една од работите за која до сега македонските пратеници без проблем се сложиле, без дебати и меѓусебни подметнувања и правење циркус од Собранието се законските бенефеции кои се однесуваат на нив.

Не се сеќавам дека биле посплотени за нешто друго.

Ако грешам нека изгорам!

Ај што земаат плата за која можат да сонуваат многу граѓани во земјата, а прашање е колку ја заслужуваат, па неможеме да ги доисплатиме и за патните трошоци. Дури 71 пратеник земаат илјадници евра за патни трошоци секој месец.

А што да кажат илјадниците работници кои секојдневно патуваат низ земјава за да работат (и навистина работат), а знак прашалник е дали ќе добијат плата, а камоли патни трошоци.

Со што тоа пратениците се разликуваат од другите работници во земјава?

По важните одлуки кои ги изгласале, а ние уште сме светлосни години одалечени од нормалниот свет?

Со тоа што си тераат партински агенди, а народот не го вадат од уста?

Друга приказна е што де ги има, де ги нема во Собрание, а парите се трошат. Нашите пари.

Па нели промени ќе имаше. Или тие се однесуваат само на директорските места?

Наместо некое сериозно решение, пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев, кој за три месеци за патни трошоци зел 2.588 евра, за патување од Охрид до Скопје, предложи палета на опции во кои не го спомна возењето со автобус, превозно средство кое го користат многу работници.

А истиот тој има стан од 39 квадрати во Скопје и пак патува од Охрид. Да не му е мал? Фамилии со неколку деца живеат во помал простор.

Од ВМРО-ДПМНЕ кои организираат пресови за се и сешто, ги нема да кажат и тие нешто на темава, а албанските партии изгледа не нашле албанска димензија во работава, па и нив ги нема никаде.

Што е проблемот? Возењето со автобус за пратениците е под нивната чест? Па нели сакаат да бидат блиску до народот? Еве им одлична можност. Се ќе видат и чујат.

Да не се плашат за својата сигурност? Па, нели народот ги сака.

Ако пак не сакаат да се мешат со „обичниот“ свет, може да користат организиран автобуски превоз, како учениците.

Зошто да им плаќаме кирии, хотели или да им градиме станови?

Да не треба после и рум сервис и за некои други хотелски услуги да им плаќаме?

Или ако становите не им се со поглед, други да им градиме. Можно е и премногу да им се бендисаат па да си ги „лапнат“ после за џабе пари.

Време е пратениците да почнат да одат по земјата и ако им е дојдено до народот (во што лично не верувам) да му покажат дека навистина е така.

Нека почнат да се возат со автобуси, па можеби и ние ќе ќариме од тоа. Ем ќе добиеме подобри автобуси, ем подобри патишта.

Плус тоа е и добар ПР. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.