Весковски: Во Тафталиџе се одвиваат 25 градби, потребна е ревизија на сите детални урбанистички планови

Душко Весковски е раководител во Музејот на холокаустот и таму работи од 2007 година. Како правник бил во тимот кој работел на враќање на имотот на местото на кое е изграден Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и од изградбата до денес е дел од работата на овој значаен објект за државата, но и за регионот.

Тој ни беше домаќин и одблиску нè запозна со концептот на функционирање на овој музеј, кој е замислен да работи како регионален центар. Во објектот, според сегашната поставка што ја има, посетителите низ фотографии може да ги видат животот и културата на Евреите, но и да ја почувствуваат нивната голгота за време на холокаустот.

„Карактеристично за тој црн период од светската историја е што, речиси како на ниту едно друго место, Евреите од Македонија биле депортирани по претходно изготвен регистар со име, презиме и фотографија од страна на бугарската војска и полицијата“, ни објаснува Весковски.

На паноа се поставени слики со имиња и презимиња, кои всушност покажуваат точно кои луѓе требало да се пронајдат за да се депортираат во логорот на смртта, Треблинка.

На средината на музејот има голема скулптура направена од 7.144 нишки што го симболизира бројот на депортираните Евреи од Македонија. Симболично е направен како пламен што гори, но никогаш не согорува.
Весковски ни објасни дека музејот се финансира од сопствени средства, а во него се одржуваат семинари, конференции, промоции, изложби, предавања и др. Во склоп на Меморијалниот центар има Арт-центар, кој во моментов е изнајмен на странска ИТ-компанија. Бидејќи влезот во музејот е бесплатен, овие средства се користат за покривање на тековните трошоци.

Посетителите, пак, на влезот на музејот се среќаваат со скулптура изработена од израелскиот дизајнер  Едвард Џејкобс.

„Скулптурата е во вид на подадени раце. Во некои од нив има фотографии, некои се празни, а некои се како огледала. Симболиката е дека секој од нас, без разлика на вера, нација или раса можел да биде жртва на холокаустот или секој од нас можел да ја доживее судбината на Евреите од Македонија“, вели Весковски.

Во музејот се одржуваат и работилници за деца, а има и детско катче во кои се изложени цртежи на деца кои секоја година цртаат, пишуваат есеи и изработуваат дигателни стории на тема „Холокаустот низ призмата на детските очи“.

Се работи и на нова поставка што треба да биде отворена на 11 март 2018 година, односно на денот кога Евреите од Македонија биле депортирани во логорот на смртта.

„Карктеристично за оваа поставка е што посетителите ќе можат да поминат и низ вагонот со кој Еврите биле депортирани во Треблинка. Интересно е што вагонот со ознаки БДЖ ( Бугарски државни железници ) е сточен, односно наменет за превоз на стока. Евреите биле буквално пикани во вакви вагони и патувале 11 дена од Монополот до Треблинка, местото каде што никој не преживеал“ објаснува тој.

Вагонот го видовме во една од просториите која се подготвува за новата музејска поставка, а тешкотијата и маката на тие луѓе кои биле превезувани со него се чувствуваа во воздухот.

Ги видовме и сликите од уметникот Мати Грумберг од еврејско потекло на кои, меѓу другото, има нацртано и сончев часовник и споменик по чии скици истите треба да бидат изградени и поставени на Еврејските сефардски гробишта во Битола, кои се едни од најстарите во Европа.

Еврејската заедница во Македонија во моментов брои речиси 250 луѓе, а најголем број од нив живееле во Битола, Штип и во Скопје.

Карпош да биде зелена општина

Освен за работата во музејот, со Весковски поразговаравме и за неговиот политички ангажман, како претседател на Општинската организација на СДСМ во Карпош, каде што е активен долги години.
Загадувањето на општината, неконтролираното и непланско градење и уништувањето на зеленилото се горливи проблеми за сите овие години, кои и него, како и другите жители на Карпош, го засегаат.

„Роден сум и израснат во Карпош. Со членството во партијата им дававме поддршка на граѓаните и на сите организации формирани од нив, кои се борат да ја сочуваат општината. Граѓаните на Карпош успеаја да одбранат дел од зелените површини, но сепак тоа треба институционално да се реши. Локалниот инспекторат не си ја врши работата на терен и не контролира“, вели Весковски. 

Причините што Карпош е една од најзагадените општини во Македонија ги гледа во тоа што неконтролирано се гради, зеленилото се уништува, а зиме се горат обоени материјали несоодветни за греење кои го загадуваат воздухот.

„Во Карпош никогаш немало високи згради, но со изградбата на висококатниците и узурпирањето на целиот простор во Тафталиџе нема циркулација на воздухот. Исто така, нема контрола на материјалите што се употребуваат за изградба на фасадите, некои од нив можеби се и канцерогени. На населбата Тафталиџе, која беше една од најзелените во општината, ѝ се случи бетонирање како на Дебар Маало. Во моментов таму се одвиваат 25 градби“, додава нашиот соговорник.

Вели дека, заедно со граѓаните, ја составува и новата програма за локалните избори на 15 октомври, а за кои до централата на партијата тој поднел своја кандидатура за градоначалник.

Весковски вели дека ја има поддршката од сите месни организации, 14 на број, но и од членството на партијата. Доколку во општината се смени власта, прво што ќе се направи е ревизија на сите детални урбанистички планови донесени во последните 4 години.

Дека како општинска организација во вистинска насока ги тераат работите, покажува и експлодирањето на бомбата пред седиштето каде што во моментот одржувале состанок.

„Сторителите никогаш не ги најдоа, но тоа нам ни беше знак дека треба да продолжиме по патот по кој сме тргнале“, додава тој.

За локалните избори проблемите на граѓаните би ги слушале во непосреден контакт со нив, од врата на врата. Со нивна помош ја составуваат и изборната програма. Активни се и на социјалните мрежи, каде што граѓаните можат да даваат предлози за тоа што сакаат да променат во својата општина.

„Би сакале Карпош да биде зелена општина, тоа би го направиле со зазеленување и средување површини, но и преку субвенции за зелени фасади. За иницијативата би барале помош од архитектите“, објаснува Весковски.

Како човек што целиот свој живот го поминал во Карпош, вели дека општината во најубаво светло ја памети по изградбата на Лептокарија, која била направена плански и дала еден сосема нов дух на Карпош и на животот во него.

„И денес со пријателите седиме во кафулињата кои беа и останаа симбол на Лептокарија. А по убаво го паметам и времето како средношколец поминато во гимназијата ’Никола Карев‘“, завршува нашиот соговорник.

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести