Љупчо Андоновски, иселеник во Венеција: Македонскиот граѓанин ја заслужува Палмата на мирот

Повод за разговор со Андоновски е неодамнешното добивање на Палмата на мирот во Италија. Претходно, овој наш иселеник во Венеција, стана Витез на мирот.

Тој е бизнисмен со уникатни златарски производи, работи како „Ловец на бизниси“(International Business Gateway), го советува Митрополитот за Италија и Малта и работи како претседател на невладината организација АНАС Италија за регионот Венеција. Андоновски е претседател на партијaта НЦД (Nuovo Centrodestra) за Венеција, која ја води вице-премиерот и министер за надворешни работи на Италија, Ангелино Алфано

Пред извесно време ја добивте Палмата на мирот заради организирање и учество во огромен број добротворни акции во светот. Како и каде се случи доделувањето?

Палмата на мирот е светско признание за личности кои организираат добротворни акции. Ја примив на крајот на јули од Витезите на мирот од Малта(Guardiani di Pace, ConfederazioneInternazionale del CavalieriCrociati) во присуство на 300 витези Темплари и високо позиционирани личности од италијанската елита. Секако, ова е огромно искуство и потврда за мојот долгогодишен труд. Наградата ја добив и сум еден од 30.000 личности во светот кои ја носат оваа титула. Поради ова, ќе „командувам“ со сите носители на Палмата во регионот на Венеција.

Зошто одлучивте да ја доделите Палмата на мирот на македонскиот народ?

Како горд Витез одлучив оваа важна награда да ја посветам на мојот народ, на сите граѓани кои живеат во Македонија. На овој начин, сакам да порачам секогаш да живееме во мир и да чиниме добротворни дела кои ќе им помогнат на сите граѓани и на Македонија. Со ова ќе шириме и позитивна мировна мисија/енергија кон соседите и кон другите држави во светот.

Која друга личност ја има добиено оваа Палма?

Многу видни личности се споменуваат како добитници на Палмата на мирот. Последен, заедно со мене, ја доби европратеникот Алдо Карчачи. Исто така, ја имаат добиено Папата Бенедикт 16, Рита Леви Монталчини-научник, Лоренс Гонци- премиер на Малта, Душан Чаплович-Вице Премиер на Словачка, Ачијаоли Кампос-Гувернер од Бразил, Пјер Нкурунзиза–Претседател на Република Бурунди, Тарчизио Бертоне- Кардинал, Иларионе Ди Силистра-Метроплит на Бугарија, Генерал Џузепе Валото – врховен командат на италијанскта војска, адмирал Риналдо Вери- НАТО, адмирал Маркантонио Тревизани- Претседател на ЦАСД.

Поради активности на полето на социјалата, следење на идеалите за мир и солидарност, споделување етички и морални идеали, односно градење Дијалог за мир меѓу народите и меѓу луѓето, оваа Палма на мирот треба(ше) да ја добие и Претседателот на Република Македонија, професор Ѓорѓе Иванов. Сепак, не успеавме да ја доделиме Палмата.

Што значи да си Витез на мирот и да ја промовираш Македонија во светот?

Да си Витез на мирот е престиж. Орденот Кавалер (Витез на мирот) го добив од орденот на Малта поради своите многубројни добротворни акции и миротворна комуникација со другите граѓани на светот. За жал, многумина во светот, проблемите ги решаваат со конфликт, со оружје, со насилство. Ние одлучивме и се трудиме сите предизвици и проблеми со кои се соочува светот да ги решаваме на мирен начин.

Постојат многу методи и начини еден конфликтен предизвик да се ослободи од негативната енергија и притоа да доживее трансформација. Промоцијата на родната земја ја правам секојдневно. Ова е само едниот начин, а со тоа докажувам и покажувам во светот дека Македонија и Македонците се мирен народ, кој на добар начин и со мирни средства, сака да ги етаблира своите државнички интереси и да ги реши за добробит на сите граѓани, но и народи во соседството и пошироко.

Каква е вашата соработка со Македонија? Што Ве поврзува со родната земја?

Во Македонија живеат моите родители. Постои ли потреба од поголема поврзаност со родната земја од тоа таму да ти бидат родителите. Нормално, како што велат, каде и да си во светот, дома е најубаво. Секако, со Македонија ме поврзуваат многу пријателства кои ги негувам. Горд сум што разговорам и лобирам за Македонија меѓу личности кои високо котираат на европската политичка сцена.

Имам сериозна база на пријатели кои многу влијаат на европската политика и честопати помагаат во процесот на евроинтеграции на нашата држава. Минатата година во Македонија бев со европратеникот Карчачи. Одличен пријател сум со градоначалникот на Венеција, Луиџи Брунаро.

Потоа, со вице-премиерот и министер за надворешни работи на Италија, Ангелино Алфано. Сите овие личности веќе многу знаат за Македонија и секогаш кога се говори за нашата земја, ме консултираат за мислење и бараат поддршка во разјаснување на нештата за да може правилно и на вистински начин, да донесат одлука и да се борат за нејзина реализација. Се разбира, како поддршка за евроинтеграциите на Македонија.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести