Седницата за разрешување на Зврлевски продолжува во понеделник

Собранието на Република Македонија шестата седница на која се расправа за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски ќе ја продолжи утре.

Претседателот на Собранието Талат Џафери првично продолжението на седницата го закажа за денеска, но во меѓувреме расправата е презакажана за утре во 11 часот.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието информираат дека денеска во 19 часот Џафери ќе се обрати по повод одбележувањето на 16-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. 

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.

Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата. 

За пратениците на опозицијата разрешувањето на Зврлевски е незаконско, а за владејачкото мнозинство, неколку неделната расправа во Собрание е минирање на реформите.

Фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!