И покрај финансиските проблеми и залихите, винариите најавуваат целосен откуп на грозјето

960 Views Август 17, 2017 Вино Камелија Делија

Винарските визби имаат проблем со ликвидноста и залихите, но уверуваат дека  годинашниот род грозје ќе биде откупен во целост.

Како што истакнаа нивните претставници по денешната прва средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, откупните цени на грозјето ќе ги дефинира пазарот, но сепак се очекува тие да го достигнат ланското ниво.

- Кај поквалитетните сорти можно е да има зголемување на цената, но не и надминување на онаа од минатата година. Иако секоја од винарските визби одлучува за цената, очекуваме да бидат достигнати откупните цени од лани, изјави Никола Деребанов од винарската визба „Стоби“.

Според него, откупот на грозјето е извесен зашто се намалени приносите, а причина за тоа беше измрзнувањето.

И министерот Николовски рече дека проблеми со откупот на грозјето оваа година не се очекуваат.

Годинашниот род е со подобар квалитет, но приносите се намалени. Родот ќе биде откупен во целост, нагласи Николовски.

Тој информира дека со винарите е договорено креирање модел на континуиран дијалог, а не разговарање непосредно пред сезона.

- Последниве единаесет години власта водела популистичка и несистематска политика во лозарството што довело и до напластување на проблемите. Ќе настојуваме да се реши секоја ситуација што како горлива ќе ја предочат производителите и откупувачите. Сите заеднички ќе придонесеме во креирањето суштински мерки, напомена министерот, потсетувајќи на линеарното зголемување на субвенциите во лозарството.

Винарите сметаат дека за да има успешна винска индустрија, Македонија мора да изготви стратегија која ќе биде од корист за двете страни, и за производителите и за визбите.

- Македонија не е позната винска земја подалеку од Хрватска. Имаме уште многу да работиме на имиџот, потенцира Деребанов.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови