Кривична од „Повардарие” за Цветков, Костадиновски и Делев

496 Views Август 29, 2017 Вино Редакција Емагазин

Кривична пријава за измама и злоупотреба на службена положба и овластување против поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков и поранешните заменици-министри за земјоделство и за економија, Ванчо Костадиновски и Христијан Делев, поднесе винарската визба „Повардарие” од Неготино до Основното јавно обвинителство во Скопје. 

Според пријавата, Цветков, Костадиновски и Делев настојувале „Повардарие“ да откупи што поголема количина грозје од лозарите поради предвремените парламентарни избори. За тоа и ветиле исплата на субвенциите веднаш, но и ургенции кај Министерството за финансии да не покренува постапка за долгот што го имала и што планирала да го плати кон Царинската управа. 

Тројцата владини функционери ја наговарале винарницата, наместо да го плати долгот кон Царинската управа, со тие пари, околу еден милион евра, да откупи грозје. Верувајќи им, „Повардарие“ така постапила и, како што стои во кривичната пријава, откупила 23 милиони килограми.

Но, по откупот на грозјето следело поведување стечајна постапка од страна на Минсистерството за финансии, а до денес на винарницата не и се исплатени ниту субвенциите кои по закон и следуваат.

За да избегне стечај, винарската визба морала да го намири долгот кон Царинската управа.

- За Цветков, Костадиновски и Делев беше многу важно да им се откупи грозјето на лозарите поради претстојните републички избори. Со лажно прикажување факти, тие создале погрешна претстава и ја довеле во заблуда винарницата. Презеле измамничко дејство и го навеле подносителот да стори нешто на штета на својот имот, пишува во пријавата.

Во септември минатата година „Повардарие“ преку свои претставници била повикана на состанок од Цветков, Костадиновски и Делев во Министерството за земјоделство. Целта на средбата биле преговорите за откуп на грозјето и субвенциите.

- Пријавените во текот на состанокот инсистираа подносителот да откупи што е можно поголема количина грозје од лозарите, со ветување дека субвенциите ќе бидат исплатени веднаш по завршување на бербата. Претставниците на „Повардарие“ укажаа дека немаат потреба од поголема количина грозје. Но, пријавените инсистираа да се откупи поголема количина грозје и повторно укажаа дека субвенциите ќе се исплатат на време, е наведено во кривичната.

Во текот на состанокот, претставниците на винарската визба укажале дека имаат извршно решение од Министерството за финансии и Царинска управа и дека планираат да го платат тој долг. 

- При тоа беше укажано дека е можно парите кои беа планирани во тој момент да се уплатат за долгот кон Царината врз основа на извршни пресуди да се пренасочат кон откуп на поголема количина грозје, со обврска пријавените како функционери во Владата да издејствуваат за одреден временски период Царината да не поведува постапка, стои во кривичната пријава.

Пријавените дале ветување дека Министерството за финансии нема да поведе постапка за наплата на долгот за извесен временски период и дека околу еден милион евра може да се употребат за откуп на поголема количина на грозје.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови