ССНМ: Половина од новинарите имаат потпросечна плата и не можат да прехранат семејство

Речиси 45 проценти од македонските новинари примаат плата пониска од државниот просек, кој изнесува 22.808 денари.

Ова го покажа новата анкета на Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ), спроведена во јули и во август годинава користејќи го интернет сервисот „срвеј манки“ (Survey Monkey).

„ССНМ консултираше 127 медиумски работници, од кои околу 80 отсто работат како новинари, а останатите се уредници, фоторепортери, сниматели или други технички лица коишто се ангажирани во медиумите. Кога процентите ќе се претворат во бројки излегува дека точно 57 медиумски работници од вкупно 127 коишто ја пополниле анкетата на ССНМ земаат плата помала од 22.000 денари“, се вели во соопштението на ССНМ.

Во него се додава дека 85 проценти од луѓето во медиумскиот бизнис во Македонија со својата плата не ја поминуваат границата од 500 евра.

„И ако 45 проценти се под просекот, други 40 отсто од анкетираните новинари и медиумски работници, или вкупно 51 од испитаниците, имаат плата чиј износ се движи меѓу просечната и 30.000 денари. Ако се соберат овие два проценти излегува дека 85 отсто од луѓето во медиумскиот бизнис во Македонија со својата плата не ја пробиваат границата од 500 евра, односно само нивните примања не се доволни да се покрие потрошувачката кошница на едно четиричлено семејство, кое изнесува околу 32.000 денари и која ги покрива минималните потреби на една фамилија“, се додава во соопштението.

Од ССНМ велат дека „драматичната состојба, меѓу другото, е резултат и на децениската агонија на медиумите кои поранешната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ или ги контролираше или ги напаѓаше со сите расположливи средства.“

Анкетата покажала дека секој петти вработен во медиумите може да биде отпуштен во секој момент и дека генерално во медиумите околу 54 отсто од работниците немаат договор на неопределено.

Испитувањето што го направи ССНМ ја открива и големата разлика меѓу новинарската и уредничката плата посебно во телевизиите. Новинарската плата се движи некаде околу просекот, помеѓу 19.000 и 24.000, додека уредничкиот личен доход варира од 40.000 до 50.000 денари, со исклучок на онаа на главен уредник која стигнува и до 120.000 денари.

Работната сила во медиумите главно ја сочинуваат новинари меѓу 30 и 50 години.

Целото истражување можете да го прочитате на овој ЛИНК.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови