Словенија ќе гласа против прием на Хрватска во ОЕЦД

212 Views Септември 7, 2017 Балкан Никола Осило

Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец потврди дека Словенија во Париз ќе гласа против членството на Хрватска во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Таквата одлука, официјална Љубљана ја донела поради одбивањето на Хрватска да ја спроведе пресудата од Арбитражниот суд околу граничниот спор.

„Решително сум против тоа на Хрватска да и дадеме зелено светло. Освен, ако Хрватска не се обврзе дека ќе го испочитува она што од неа се очекува“, изјави Ерјавец за мариборскиот весник „Вечер“.

Арбитражниот суд во Хаг одлучи да и даде на Словенија пристап до меѓународните води на штета на Хрватска. Спорот меѓу Словенија и Хрватска датира уште од 1991 година и се однесува на суверенитетот на речиси ненаселена територија од 13 километри квадратни и на граничната линија во водите на Пиранскиот Залив, од што зависи дали Љубљана ќе има директен излез на отворено море. Коридорот до меѓународни води широк е околи 2,5 наутички милји и словенечките бродови и авиони ќе имаат слободен премин низ хрватското подрачjе.

Но, Загреб одбива да ја примени. Хрватска се повлече од судската процедура во 2015 година. Според хрватската Влада, одлуката не е обврзувачка.

Ерјавец прецизираше дека во текот на денот се состанала меѓуресорна група, која ја води претседателот на словенечката Влада, каде е потврдена одлуката да се блокира членството на Хрватска.

Поради спорот, Словенија ги блокираше преговорите за членство на Хрватска во ЕУ речиси 10 месеци, по што Загреб се согласи на судска арбитража.

Ерјавец уште истакна дека со ставот на Словенија го запознал и генералниот секретар на ОЕЦД, кој на тоа немал никаков коментар.

Хрватското Министерство за надворешни и европски работи соопшти денеска дека е изненадено од најавата на Словенија да гласа против членството на Хрватска во ОЕЦД.

Претставник на хрватското МНР изјави дека Европската комисија заговара пристапување на сите членки на Унијата кон ОЕЦД и оти Љубљана досега го поддржувала Загреб во намерата да се присоедини во оваа организација.

Одлуката на ОЕЦД за прием на нови членки се очекува кон крајот на септември.

ОЕЦД е основана во 1948 година како Организација за европска економска соработка. Основна улога на ОЕЦД е да прави обемни економски анализи за глобалните и микро-економските движења и да дава конкретни препораки и совети на своите членки и други земји.

Во Организацијата има 35 членки, едни од економски најразвиените во светот.

МИА/фото:РТВ Словенија

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!