Николовски најави дополнителни субвенции за лозарите, очекува целосен откуп на грозјето

227 Views Септември 9, 2017 Вино Камелија Делија

Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, заклучно со 5-ти овој месец откупени се околу 16 милиони килограми грозје, од кои најголем дел се од сортите „вранец“ и „смедеревка“, информираше министеротза земјоделство Љупчо Николовски кој денеска го посети Кавадарци, најголемиот лозарски град, и заедно со производителите на грозје и на вино да ја одбележи традицоналната манифестација во чест на грозјето и виното „Тиквешки гроздобер“.

На лозарите им порача дека грозјето од годинашната реколта ќе биде целосно откупено од винарските визби, а исплатата за откупеното грозје ќе се реализира според законските одредби.

Соопшти дека Државниот инспекторат за земјоделство ги зајакна контролите на откупните пунктови на грозје со цел да нема манипулации со откупните цени. Годинава поради лошите временски услови и измрзнувањето на лозјата се очекуваат намалени количини произведено и откупено грозје.

Уште во првите 100 дена од работата со измени на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017 година ги зголемивме, рече Николовски, субвенциите за одржување лозови насади за 10 отсто по хектар и субвенцијата сега изнесува 44.000 денари по хектар.

За овие зголемени субвенции лозарите можат да конкурираат до 15 септември. Досега за одржување површини со лозови насади по Програмата за 2016 година, како што рече, исплатени се 8,7 милиони евра, а за вкупно 13 винарски визби по основ на откупено грозје исплатени се субвенции во износ од 650 илјади евра.

- Исто така, интензивно работиме на забрзување на процесот за исплата на обесштетувањата од временските непогоди што се случија лани и годинава, рече Николовски.

Николовски најави дека на првата наредна седница Владата ќе донесе одлука за дополнителни директни плаќања за произведено, продадено и откупено грозје во домашните регистрирани винарски визби, а висината ќе биде определена на самата седница во наредните неколку дена.

Со мерката ќе бидат опфатени сите семејни земјоделски стопанства кои до 15 септември пријавуваат површини за субвенции за лозја и кои произведеното грозје ќе го продадат во домашните регистрирани винарски визби.

Тој нагласи дека со мерката од владината Програма се ветуваше 20 процентно зголемување на субвенциите по хектар и дека 10 проценти од тие 20 ги реализираат уште во првата година и на самиот почеток на мандатот.

МИА/Фото: МЗШВ

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Камелија Делија

Камелија Делија новинар кој ги запазува сите новинарски стандарди.Обожава вино, а и да се чекира!

Најчитани вести