Повардарие им должи на лозарите околу 1 милион евра

271 Views Септември 10, 2017 Вино Редакција Емагазин

„Повардарие“  треба да им ги плати на лозарите заостанатите пари за откупеното грозје во претходниот период, одговори вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на новинарско прашање поврзано за долговите на винарницата кон лозарите за грозје од претходните години.

- Она што можам да го кажам е дека над 10 средби и состаноци остварив со сите заинтересирани страни во делот на проблемот со „Повардарие“. Она што на мене ми го предочуваат сопствениците е дека биле измамени од претходната власт, и покрај тоа што немале потреба да откупуваат поголема количина грозје, им биле ветени два до три денари, што претходната влада не им ги исплати, рече Николовски, додавајќи дека долгот спрема лозарите треба да се исплати.

Кога започнале разговорите, потсети дека долгот на винарската визба „Повардарие“ беше над 3,5 милиони евра. Денес, како што рече, долгот е околу милион евра.

- Околу два и пол милиони евра се исплатија во целиот овој период токму како резултат на таа комуникација, кординација и притисок што постоеше, затоа што навистина сакаме секој што работи во државата да си ги преземе и обврските што ги има согласно со законот, рече Николовски.

Според него, потребно е целиот долг спрема лозарите да биде исплатен и да се плати казна од 10 проценти спрема државата поради тоа што се избришани како „Повардарие“ од Регистарот на винарски визби и согласно тоа, доколку сакаат повторно да откупуваат, да бидат регистрирани во Регистарот.

- Јас нема и не планирам да направам ништо што е незаконски и ништо што е штета на државата и на лозарите, рече Николовски, додавајќи дека има ветувања дека исплатата ќе се реализира во следните денови, односно до крајот на месецот. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести