Во Америка моќни урагани, што ќе и донесат климатските промени на Македонија (1)

2085 Views Септември 11, 2017 Наша тема Редакција Емагазин

Деновиве целиот свет имаше можност да види што всушност се климатски промени преку неколкуте моќни урагани кои го опустошија американскиот континент. Иако некој не сака да верува, во годините што следат ќе гледаме уште пострашни работи.

Секако и Македонија нема да биде поштедена. Во неколку продолженија ќе Ви ги преставиме прогнозите кои за влијанието на климатските промени врз нашата земја ги направи Министерството за животна средина и просторно планирање.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ТЕМПЕРАТУРИТЕ

Како резултат на климатските промени во Македонија во следните 85 години многу работи нема да бидат како што се денес.

Според публикацијата „Водените ресурси и климатските промени“ на Министерството за животна средина и просторно планирање генералната достапност на вода во земјава се очекува да се намали за 18% до 2100 година, а сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат се почести и поизразени.

Проблемот со недостаток на вода ќе биде посебно присутен во источниот дел од земјата.

Ни Вардар нема да се спаси од климатските промени. До крајот на векот просечното истекување во Вардар ќе се намали за 20% во споредба со 2000 година.

Постојано ќе има и намалување на подземните води во сливот на Вардар, а сливот на реката Брегалница ќе претрпе најголемо влијание од неизбежните промени, па до 2100 година загубите на вода ќе бидат 24%, стои во публикацијата.

Посебна анализа во оваа публикација е направена за Струмичкиот речен слив, еден од четирите речни слива во земјава (Вардарски, слив на Црн Дрим и сливот на Јужна Морава).

Според анализата се предвидува во овој регион до 2050 година температурата да се зголеми до 15.74 степени.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА РИЗИЦИ ОД ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

Глобалните климатски промени, кои ќе донесат поголеми температури сериозно ќе влијаат и на здравјето на жителите на планетава.

Според публикацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање „Здравството и климатските промени“, повисоките температури, топлотните бранови, сушите, поплавите и пожарите ќе ги зголемат ризиците од заразни болести кои се пренесуваат со вектори, ќе донесат пад во приносите на земјоделските култури, недостиг од вода и раселување на населението.

Според анализата во оваа публикација Југоисточниот дел од земјава најмногу ќе биде погоден од овие промени.

(Продолжува)

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Во Америка моќни урагани, што ќе и донесат климатските промени на Македонија (2)

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови