САД одбележуваат 16 години од терористичките напади на 11 септември

203 Views Септември 11, 2017 Свет Никола Осило

САД денеска одбележуваат 16 години од стравичните координирани терористички напади, кои на 11 септември 2001 година го шокираа целиот свет. 

Во нападите загинаа вкупно 2.998 лица, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се водат како исчезнати. Во овој збир не се вклучени и загинатите 19 терористи.

Помошникот на американскиот претседател за прашањата за борба против тероризмот, Том Босфорт пред два дена изјави дека американските специјални служби не располагаат со податоци дека против САД се подготвуваат некакви големи напади во врска со годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Нападите во 2001 година ги извршија припадници на терористичката група Ал Каеда, а тој трагичен настан го означи почетокот на американската и западната глобална кампања против тероризмот, која резултираше со војните во Авганистан и во Ирак, со отворање на затворот во Гвантанамо, јакнење на безбедносите мерки и агенции на сметка на човековите права, со зголемување на воениот буџет.

Војната против тероризмот се уште трае, но Ал Каеда, чиј лидер Осама бин Ладен е убиен, ја заменија нејзините ограноци и Исламска држава, против кои се водат борби на Блискиот Исток, во Сирија и во Ирак, додека на мета на терористите се почесто се европските престолнини.

Во САД одбележувањето на годишнините традиционално се одржува во Националниот меморијален центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, каде се урнати кулите близначки.

Оддавањето почит на жртвите во Меморијалниот центар вклучува и читање на имиња на настраданите во нападите од 1993 и 2001 година, додека навечер два снопа сина светлина насочени кон небото потсетуваат на урнатите кули.

На 11 септември 2001 година два киднапирани авиона ги урнаа кулите близначки по што следеше удар на третиот авион врз зградата на Пентагон во Вашингтон. На крајот е соборен авион во Пенсилванија.

Акцијата на 19 припадници на Ал Каеда почна со киднапирање на четири патнички авиони, кои полетале од аеродромите во Бостон, Њујорк и Вашингтон.

Киднаперите влегле во кабините на авионите и користејќи ножеви за сечење хартија, кои ги прошверцувале, ги убиле пилотите и ја преземале контролата врз леталата.

Првиот авион на „Американ ерлајнс“ во 8:46 часот по локално време удри во северната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк, а 17 минути подоцна вториот киднапиран авион на компанијата „Јунајтед ерлајнс“ удри во јужната кула, додека третиот го погоди седиштето на Пентагон.

Од кулите-близначки во Њујорк само 20 луѓе, кои биле на катовите над местото на нападот успеале безбедно да ја напуштат зградата пред да се урнат. Меѓу жртвите на 11 септември имало 371 странец, а 343 пожарникари загинаа во падот на кулите-близначки додека се обидувале да им помогнат на повредените да ги напуштат зградите.

Подоцна надлежните служби на САД оценија дека мозокот на нападите бил Халид Шеик Мухамед, кој е уапсен во март 2003 година во Пакистан, а во февруари 2008 година е обвинет за воени злосторства.

Командоси на американските воени сили во пролетта 2011 година извршија упад на имот во Пакистан, каде се криеше Осама Бин Ладен и го ликвидираа, за што тогашниот претседател на САД, Барак Обама ја извести нација и целиот свет.

Во 2007 година рускиот весник „Комсомолскаја правда“ напиша дека „САД сами си ги уништиле кулите-близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година“, повикувајќи се на 130 американски градежни инженери и архитекти, кои ги поткрепуваат своите наводи со анализа на фотографии и видео-материјали, како и многубројни сведоштва на очевидци.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!