(Фото) Се реновираше планинарскиот дом „Папрадиште“

6187 Views Септември 11, 2017 Локално Редакција Емагазин

Граѓанската организација Фокус од Велес и Еколошката групација GREEN POWER, продолжениот викенд по повод Денот на независноста на Македонија, од 8 до 10 септември, го прославија на поинаков начин.

Заедно со останатите  граѓани, рекреативци, планинари и непланинари мрднаа со прст и го освежија просторот околу планинарскиот дом Папрадиште правејќи го попристапен и функционален за сите оние кои сакаат да го посетат.

Активностите кои се спроведоа во изминатите неколку дена беа насочени кон уредување на просторот околу домот и вклучија косење на тревата пред домот, боење на рамките од прозорите и вратите, перење на постелнините и сите садови во домот, изработка на импровизиран мебел од  дрвени палети, цртање на графити на ѕидовите во дворот и се разбира забавата се случи на крај на денот.

Организациите кои ја спроведоа оваа иницијатива имаат долго искуство во организирање разни еколошки акции со кои придонесуваат кон развој на еколошката свест кај граѓаните.

Оние кои досега поминале бар еден ден на планината Јакупица, веќе се запознаени со планинарскиот дом Папрадиште. А оние кои сè уште немале прилика да го посетат, лесно ќе го препознаат по неговата специфична архитектура, која се должи на фактот дека домот ги користи просториите на старо училиште, напуштено уште во 1972 година.  

Оваа иницијативата беше поддржана од Национален младински совет на Македонија во рамки на кампањата Мрдни со прст. Главната цел на кампањата е да се подигне јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.

Фото/Фејсбук страна на Планинарски дом Папрадиште (Еколошка групација Грин пауер)

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови