Силно невреме на Балканот: Задар поплавен, однесени покриви во Сараево

513 Views Септември 11, 2017 Балкан Никола Осило

Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија денеска ги погоди силно невреме.

Во Хрватска попладнево е објавен црвен метеоаларм со предупредување од опасност од поплави поради обилните дождови долж брегот на Јадранско Море.

Дождот предизвика поплави во Задар, на островот Хвар, како и на делови од Јадранската магистрала.

Најпогоден од обилните дождови е градот Задар, каде наврна повеќе од 200 литри дожд на метар квадратен, што е двојно повеќе од просекот за месец септември. Поплавени се болницата и еден трговски центар, голем број куќи и деловни простории. Надојдената вода предизвика прекин на електричната енергија и на комуникациските врски, а водата од чешмите не е за пиење.

Силниот ветер пропратен со дожд на неколку локации во главниот град на Босна и Херцеговцина, Сараево уриваше стебла и однесе покриви.

Обилниот дожд траеше речиси еден час, а поплавените улици предизвикаа сообраќаен метеж во градот.

Федералниот хидрометеоролошки завод на БиХ издаде портокалово предупредување за појава на засилен ветер. Невреме вечерва го погоди Белград и повеќе градови во Србија, а во Нови Пазар паѓаше град со големина на орев.

Околу 19 часот невремето зафати поединечни делови од Белград, а температурата на воздухот се намали дури за 10 степени односно од 29 на 19 степени Целзиусови.

Силен ветер дуваше во Крагуевац и во Ниш. Во Прокупље ветерот носеше дрва, а сообраќајот речиси е во целосен прекин.

МИА/фото:dnevno.ba

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!