Во македонските затвори човек може да умре од расипан заб

1160 Views Септември 12, 2017 Наша тема Никола Осило

Не се забележани значителни промени во однос на состојбата со пренатрупаноста на установите и влијанието за негативни појави во однос на условите за сместување, квалитетот на исхраната, одржувањето на личната и општата хигиена во установите, како и условите во санитарните простории и сл., кои и понатаму се лоши и незадоволителни, се вели во годишниот извештај на Народниот правобранител за 2016 во делот каде се оценува состојбата во затворите.

„Народниот правобранител континуирано во текот на целата година им укажуваше на надлежните органи и институции на обврската за преземање мерки за обезбедување услови за издржување на казната затвор и мерката притвор, почитувајќи го човековото достоинство на овие лица. Меѓутоа, мерките што се преземаа беа незначителни и во суштина не ја променија состојбата по однос на несоодветните услови во казнено-поправните установи“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека не се преземени ниту сериозни мерки по забелешките на Народниот правобранител во врска со системот на здравствената заштита во казнено- поправните установи.

„Имено, и покрај укажувањата под итно да се обезбедат услови за соодветна здравствена заштита и третман на лицата кои се на издржување казна затвор, кои Народниот правобранител со години наназад ги упатува до надлежните органи, истите не беа сериозно сфатени, што во пракса го потврдува бројот на поднесените претставки од притворените и осудените лица.

Народниот правобранител констатира дека најголем број поплаки осудените и притворените лица доставуваа поради неможноста да користат здравствена услуга во попладневните и вечерните часови, несоодветната и нецелосна здравствена заштита, неупатување на специјалистички прегледи во други здравствени установи, како и непостапување по нивните барања за местење на вештачко забало (вилица)“, се вели во извештајот.

Следејќи ја состојбата со здравствената заштита и третманот на лицата во овие установи, Народниот правобранител трета година по ред констатира дека не е спроведена измената на Законот за извршување на санкциите од 2013 година, со која здравствените служби на затворите требаше да бидат преземени од здравствените домови како дел од јавното здравство.

„Во смисла на претходното, а особено поради неорганизираноста на здравствениот систем во овие установи (во некои од нив воопшто немаа вработено ниту едно медицинско лице, а здравствена нега им се дава во Јавни здравствени установи), не изненадува фактот што осудените и притворените лица најчесто изразуваа незадоволство или бараа заштита на правата токму поради повредата на правото на здравствена заштита во казнено-поправните установи на територијата на Република Македонија.

Немањето на здравствен работник во казнено-поправните установи во попладневните и вечерните часови го констатира и Народниот правобранител, поради што основано се поставува прашањето дали на осудените и притворените лица им е обезбеден целосен и соодветен пристап до здравствена заштита, односно дали доколку навремено и континуирано се следеше состојбата на осудените лица од стручно медицинско лице ќе се спречеа случаите со смртен исход?“, се вели во извештајот.

Во врска со несоодветниот здравствен третман, отежнатиот пристап до домскиот лекар и несоодветното делење медицинска терапија, правобранителот во извештајниот период поднел неколку претставки и од осуденички од Женското одделение на КПД „Идризово“, а поплаки се дадени и при непосредните разговори со претставници на Народниот правобранител.

„Народниот правобранител детално ги истражи ваквите наводи, а во текот на постапувањето ја вклучи и Управата за извршување на санкциите со барање за вршење на вонреден инспекциски надзор. По потврдувањето на наводите за необезбедена здравствена заштита, отежнат пристап до лекар и делење на терапија од страна на други осуденички,

Народниот правобранител достави препорака до директорот на КПД „Идризово“, на осуденичките да ми се обезбеди сеопфатна здравствена заштита, согласно Законот за извршување на санкциите и Европските затворски правила. Во исполнение на дадените препораки, директорот на установата презеде мерки за надминување на ваквите состојби“, се вели во извештајот.

Покрај претходно наведените проблеми околу несоодветниот здравствен третман, голем број претставки се однесуваа на услугите од стоматолошката служба, така што во сите овие случаи Народниот правобранител до Управата на установата доставуваше укажувања во правец на преземање мерки за санација на оштетените заби, односно отпочнување постапка за местење вештачки забала на трошок на установата.

„Иако во сите случаи беа прифатени укажувањата на Народниот правобранител и се отпочнуваа постапки за стоматолошка интервенција и местење на забала, истите траеа бавно, со што поради несоодветниот начин на конзумирање на храната постоеше опасност од појава на други здравствени проблеми кај овие лица“, се вели во извештајот.

Во три од седум случаи по поднесени претставки од осудените лица кои се жалеа на тортура и непрофесионално однесување на лица од Секторот за обезбедување, Народниот правобранител констатира постоење на основ за сомневање за сторено кривично дело, поради што против припадници на затворската полиција во Затворот Струмица, КПД Штип и КПД „Идризово“ поднесе Барања за покренување постапка за утврдување казнена одговорност до надлежните јавни обвинителства во Скопје, Штип и Струмица.

„По едно од барањата Основното јавно обвинителство Струмица одлучи да не покрене постапка, со образложение дека во дејствијата на службеното лице не биле содржани елементи на кривичното дело Малтретирање во вршењето на службата кое се гони по службена должност, односно дека евентуално истото би можело да се подведе под кривично дело - Телесна повреда кое се гони по приватна тужба“, се вели во извештајот.

Фото:rebelcirkus

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!