Пари ќе се даваат само на остварени резултати: Кои се новите мерки на владата за поддршка на бизнисот

437 Views Септември 14, 2017 Бизнис Камелија Делија

Владата денеска ќе промовира сет на нови мерки за поддршка на домашните и странските инвеститори. Премиерот Зоран Заев вчера најави дека новините што ќе се појават во Македонија, се дополнително зголемена поддршка за компаниите. 

-Ништо нема да се одзема од тоа што до сега го добиваа компаниите. Новините ќе бидат надоврзани пред сѐ на резултатот којшто ќе го покажуваат компаниите, не само на бизнис идејата. Од резултатот што ќе биде констатиран на завршните сметки. Колку покажуваат раст и развој, толку може да сметаат на директна поддршка од државата. Сакам да аплицирате на владините програми, но и да учествувате во она што утре ќе го објавиме, по пат на дебата, да го подобриме, да го усовршиме на еден начин“ посочи премиерот.
 
Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев пак информираше дека мерките за поддршка се темелат на три столба, на мерки за поддршка на гринфилд и браунфилд инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и надвор од нив, за поддршка на извозот и за поддршка на малите и средни претпријатија.
 
-Во првата група мерки ќе бидат мерки што ќе бидат поврзани со вработувањата. Секој што ќе има нововработени лица во една фискална година, ќе биде поддржан во следната фискална година и тоа под услов ако има раст на приходите и доколку нема намалување на бројот на вработени.

Истото ќе се однесува и за браунфилд инвестициите. Потоа ќе има посебни мерки кои се однесуваат на извозно-ориентираните компании, како и посебни мерки што се однесуваат на старт-ап и на малите и средни претпријатија“, рече Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на работниот ручек во организација на Германската стопанска комора во Македонија.

Детали за мерките од Владата најавија за денеска.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови