Македонските граѓани повеќе им веруваат на полицајките отколку на полицајците

532 Views Септември 14, 2017 Македонија Никола Осило

Мнозинството граѓани на Република Македонија имаат доверба во полицијата, која е втора институција со највисок рејтинг, по образовните институции. Ова го изјави денеска Магдалена Лембовска, истражувач за безбедносни прашања во Аналитика тинк тенк на денешната презентација на резултатите добиени по спроведеното истражување на јавното мислење за работата на полицијата, кои беа презентирани од регионалната мрежа од седум граѓански организации од регионот Поинтплус и Аналитика.

Според анкетата 55 отсто од граѓаните имаат доверба во полицијата што ја става на второ место, веднаш зад образовниот систем.

„Иако се работи за релативно висок процент забележано е намалување на довербата во однос на лани кога полицијата беше на прво место“, рече Лембовска.

Дваесет и три отсто од граѓаните се изјасниле дека немаат доверба во полицијата.

Заклучок од истражувањето е дека има позитивна перцепција меѓу населението, особено кога станува збор за полицајките.

Дваесет и еден отсто од испитаниците одговориле дека имаат целосна доверба во жените полицајци, а такво мислење за полицајците дале 19 отсто од анкетираните.

„Генерално, граѓаните имаат позитивна перцепција за полицајците која оди во прилог на женските полициски службенички, односно во врска со нив поретко се споменуваат негативни атрибути и претежно граѓаните кога ќе помислат на жена полицаец зборуват за добрина, учтивост, професионалност, сериозност, коректност, одговорност совесност, пријателство“, додаде Лембовска.

Најголема доверба во полицијата имаат вработените во приватниот сектор, а по нив се оние кои работат во јавниот сектор и пензионерите. Најмала доверба во полицијата имаат невработените лица, студентите и воопшто младите.

Таа посочи дека е зголемена довербата на етничките Албанци во полицијата, а довербата на етничките Македонци се намалила, така што во моментот нема позначајни разлики во нивото на доверба меѓу двете етнички групи.

И покрај повисокото ниво на доверба, сепак, граѓаните се уште ја сметаат полицијата како средство за заштита на интересите на политичките партии или други конкретни групи.

МИА/Фото: flickr

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!