ЕК предложи закон за транспарентност во финансирањето на политичките партии во ЕУ

536 Views Септември 15, 2017 Бенчмарк Камелија Делија

Европската комисија денеска предложи закон за транспарентност во финансирањето на политичките партии во ЕУ.

Пред два дена, во своето годишно обраќање за состојбата во Европската унија, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер порача дека на ЕУ и треба демократски исчекор напред, бидејќи премногу често европските избори се сведуваат на ништо повеќе од збир на националните кампањи.

- Ние треба да им дадеме на европските партии средства за подобро организирање, порача Јункер во обраќањето пред Европскиот парламент.

Со цел зголемување на демократскиот легитимитет во ЕУ преку посилно граѓанско учество, што е меѓу десетте приоритети на Комисијата, таа усвои два законски предлози за ревидирање на Регулативата за европски граѓански иницијативи и на Регулативата за европски политички партии и фондации.

Првиот потпретседател на Еврокомисијата, Франс Тимерманс изјави дека со овие предлози се охрабруваат Европејците директно да учествуваат во демократските процеси и дека Брисел сака Европската иницијатива за граѓаните да стане подостапна за сите Европејци.

- Со намалување на старосната граница од 18 на 16 години, ние поканивме 10 милиони повеќе млади Европејци да не повлечат напред и да помогнеме во обликувањето на политичката агенда на ЕУ. Истовремено, реформите на нашите политички партии ќе обезбедат дека Европејците ќе бидат подобро информирани за врската меѓу националните и европските партии и ќе осигураат дека нивното финансирање подобро ги одразува демократските избори што ги прават граѓаните на европските избори, потенцира Тимерманс.

Предлогот на Еврокомисија за реформа на Иницијативата за европски граѓани ќе им олесни на граѓаните на ЕУ да воспостават и да поддржат иницијативи со пошироко користење на дигиталните можности и со укинување на обемните барања. Исто така, ќе им даде можност на помладите Европејци, оние над 16 години, да ја поддржат иницијативата.

Предложената реформа на европските политички партии и фондации се осврнува на повторените барања од Европскиот парламент за затворање на „дупките“ што водат кон злоупотреба на парите на европските даночни обврзници.

Предложените амандмани имаат за цел да ја зголемат транспарентноста, па луѓето во Унијата да знаат за кого гласаат, да го подобрат демократскиот легитимитет, а финансирањето подобро да го отсликува европскиот електорат и да го зајакне спроведувањето.

Целта е справување со злоупотребите и да се реконструираат средствата.

Овие предлози треба да бидат усвоени и да бидат во сила пред европските избори во 2019 година. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови