Трајковска: На Скопје му недостига благ наклон и „љубим руке млада дамо”

1835 Views Септември 16, 2017 Интервју Редакција Емагазин
Тања Трајковска публиката ја памети како телевизиско лице, кое, 25 години успеваше да даде свој печат на емисиите кои ги правеше и отскокнуваше од клишето за разговори со соговорниците. По тоа беше препознатлива. Таква е и во одговорите во интервјуто за еМагазин. Вниманието ни го привлече со прекрасните фотографии од „Сончевина“. Да не знаеш што е поубаво дали местото или името. Сончевнина не е типична цвеќарница, ниту обичен гифт шоп. Иако е спој од двете, „Сончевина“ едноставно е сончевина. 
 
Што претставува Цветна галерија „Сончевина” и како се создаде приказната?
 
- Кога не сакаш да ги прифатиш приказните на едноличието, сакаш да создадеш бои околу себе и свои приказни. Кога почнуваш да не го разбираш јазикот на тесноумието, почнуваш да мислиш на некој свој јазик. И убаво ти е. Кога сакаш да побегнеш некаде, а сепак да се понесеш себе си, тогаш се случува да создадеш нешто, каде што кога ќе дојдеш велиш е да! Ова сум јас. Така се создаде Цветна галерија Сончевина.
 
 
 По што „Сончевина” се разликува од другите места во Скопје и што нуди што другите го немаат?
 
- Не знам по што се разликува од другите места, знам само дека „Сончевина” има долги, бајковидни приказни, како во старите филмови, во кои една сцена трае додека не ви го изнуди чуството на трепет. Такво сакав да биде секое ќоше од „Сончевина“. Сакам да дојдете, да спомнете што Ви треба, ние тоа да го претвориме во подарок и кога ќе си заминете да итате кон неа, или кон него и едвај да чекате да и го подарите нештото што ви го спакувала „Сончевина”.
 
 
Дали вакво место му недостигаше на Скопје, имајќи го предвид целиот урбанистички хаос, како и уништувањето голем дел од зелените површини во градот?
 
На Скопје му недостигаат мажи со букети цвеќе, во автобус или пеш кои подрипнуваат од радост и возбуда. На Скопје му недостигаат жени во здолништа на туфни, со скриена заводлива насмевка, му недостига господата со шешир и цвет на ревер. Му недостигаат госпоѓи со шешир, или чадор за Сонце и чипкани рекавици. Му недостига „Добар ден, како сте”? На Скопје му недостига благ наклон и „љубим руке млада дамо”. Тоа му недостига на Скопје. Друго се има овој град.
 
 
Каков е интересот за ова место, дали веќе е препознаено од најблиската околина. Но имајки предвид дека убавиот глас далеку се слуша, зошто да не бидат посетени и од другите општини?
 
-Пред некој ден, дојде една млада дама во „Сончевина“, и вели, не ми е за подарок, не ми треба нешто особено, не знам ни што ми треба, но сакам да си купам нешто од кај вас. Ми се допаѓа Сончевинава ваша. Ми направи ќеиф ептен.
 
 
Публиката ве памти како телевизиско лице и бројните емисии на кои бевте автор и кои ги водевте. Што се случи со таа приказна?
 
- Секој има свој ден, а некој денови траат подолго. Мојата телевизиска приказна траеше цели 25 години. Ја читав, препрочитував, почнував одново и никогаш не ми беше здодевна. Уживав се додека во еден момент престанав да ја препознавам. Некои работи мора да се прават во животот, некои треба да се прават, некои сакаме, некои не сакаме, но тоа што се бараше од мене, јас не можев да го дадам во има на ниту една цел. А публиката веќе одамна никој не ја прашува.
 
Како денес ја оценувате состојбата со медиумскиот простор и дали му недостасуваат емисиите од типот „Тоа сум јас“.
 
- Дојдете во “Сончевина”, ќе си направиме Тоа сум јас.
 
 
ПС: Ако сакате да ве фати сонцето од оваа Сончевина посетете ја на Трета македонска бригада, наспроти „Американ колеџ“.
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести